НАТО-авиони утрово соборија дрон што влегол во воздушниот простор на Летонија, во близина на Балви, на истокот на земјата, соопштија летонските вооружени сили.
Според летонската страна, леталото навлегло во воздушниот простор како последица на руско електронско војување. По инцидентот биле активирани борбени авиони од мисијата на НАТО за патролирање над балтичките држави, кои го пресретнале и собориле дронот.
Летонските власти утрово издале предупредувања за можна опасност од воздух и во регионите Резекне, Прејли, Аугшдаугава и Алуксне. Предупредувањата биле укинати околу 4:50 часот. Засега нема информации за жртви, ниту е објавено каде паднале остатоците од дронот. Истрагата за инцидентот е во тек.
Во исто време, дополнителни мерки презела и Финска, која привремено ограничила дел од воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив поради можна опасност од дронови.
Инцидентот се случува по украинските напади со дронови врз подрачјето на Санкт Петербург. Руските власти соопштија дека биле пресретнати повеќе од 50 беспилотни летала, додека во нафтеното пристаниште Уст-Луга избил пожар. Новото соборување на дрон дополнително ги засилува стравувањата дека војната со беспилотни летала сè почесто може да се прелее и надвор од Украина.