„Еднаква“: Контролата врз жените не е машко право

Женската медиумска мрежа реагира на неговите изјави во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа и предупредува дека медиумите не смеат да нормализираат дискриминаторски ставови.

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ реагира на изјавите на Петар Богојески во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа, оценувајќи дека со нив се оправдува контролата врз жените и се промовираат мизогини и дискриминаторски сфаќања.

Во реакцијата, мрежата ја нагласува и одговорноста на редакцијата. Според „Еднаква“, изостанале соодветна новинарска реакција, критичко дистанцирање и модерација на изнесените ставови.

Како што наведува мрежата, Богојески го претставил феминизмот како причина за, според неговите зборови, „неадекватно однесување на жените“, поврзувајќи го со отфрлањето на машкиот надзор. Во истата реакција се наведува дека контролата врз сопругите ја опишал како задача и обврска на мажот.

Контролата врз жените не смее да се нормализира

Од „Еднаква“ оценуваат дека таквите пораки ја поставуваат жената во подредена положба и го претставуваат управувањето со нејзиниот живот, однесување и одлуки како легитимно право на мажот.

За мрежата, дополнителна тежина има тоа што ставовите ги искажала јавна личност, лидер на Македонски концепт и доцент на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, во емисија на телевизија со национална концесија.

Според нивната оценка, ваквите изјави не треба да се третираат само како лични мислења или како вообичаена дебата за родовите улоги. Мрежата предупредува дека оправдувањето на контролата ги поткопува еднаквоста, автономијата и достоинството на жените и создава простор за оправдување на родово базираното насилство.

Повик за критички прашања и редакциска одговорност

Во реакцијата се нагласува дека слободата на изразување и правото на различно мислење се темелни демократски вредности. Сепак, според „Еднаква“, тие не ја ослободуваат редакцијата од обврската да обезбеди професионален контекст и да постави критички прашања.

Мрежата бара медиумите да не дозволуваат дискриминаторските и понижувачки пораки да бидат претставени како општествено прифатливи ставови.


„Повикуваме на одговорно и професионално медиумско постапување, особено кога станува збор за теми што директно ги засегаат човековите права и достоинството на жените“, порачуваат од „Еднаква“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс