НАТО ја обвини Русија за упадите во воздушниот простор на Полска и Романија

Сојузниците со заедничка осуда по серијата инциденти со беспилотни летала и ракети на источното крило.
Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Членовите на НАТО по итниот состанок соопштија дека Русија сноси целосна одговорност за серијата упади во воздушниот простор на Полска и Романија. Сојузниците ја потврдија својата солидарност со Варашава и Букурешт, оценувајќи ги инцидентите како опасни и неодговорни последици од војната во Украина.

По неколкунеделни тензии и регистрирани прекршувања на границите, претставниците на земјите членки на НАТО одржаа состанок на кој се разгледуваше безбедносната ситуација во источна Европа. Според информациите од состанокот, Алијансата смета дека последните упади на летала не се изолирани случаи, туку дел од поширок модел на ризично однесување од страна на Москва.

Сојузниците нагласија дека однесувањето на руските сили директно ја загрозува безбедноста на земјите соседи.

Романскиот претседател Никушор Дан изјави дека е недозволиво Москва да продолжи со нарушување на романскиот воздушен простор, по серијата упади на дронови регистрирани изминативе недели. Во меѓувреме, во Полска на 29 јули падна вооружено беспилотно летало на 50 километри од градот Лублин.

Полскиот премиер Доналд Туск потврди дека се работи за летало со руско потекло, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу Варшава и Москва.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го опиша овој инцидент како уште еден непромислен чин на Русија и опасна последица од нејзината воена агресија. Портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, истакна дека членките на Алијансата зазедоа заеднички став и испратија јасна порака до Кремљ.

Алијансата заклучи дека Русија секогаш сноси одговорност за какви било последици предизвикани од нејзините воени операции во близина на границите на НАТО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс