Човечкото тело, самонабљудувањето и реалноста што често ја гледаме, но не ја забележуваме, се во фокусот на „Корпореалност“, новата самостојна изложба на Жарко Башески. Изложбата во петок, 2 октомври, се отвора во Музејот на современата уметност во Белград и ќе биде достапна до 9 ноември.
„Корпореалност“ ќе биде отворена на 2 октомври во 18 часот, во присуство на Нарона Љума Весели, в.д. директорка на Националната галерија на Македонија, и Маријана Колариќ, директорка на Музејот на современата уметност во Белград. На отворањето ќе биде промовиран и обемен каталог посветен на изложбата. Поставката ја подготви Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија на Македонија.
Башески во своите дела го користи хиперреализмот за да ја преиспита човековата состојба и начинот на кој го доживуваме сопственото тело и светот околу нас.
„Преку хиперреалистичен пристап во оформувањето на делата, кои ни зборуваат за човекот и за светот во кој живееме, Башески нè воведува во често предизвикувачки елементи од реалноста кои понекогаш и не можеме толку лесно да ги забележиме со обичен поглед кон прикажаното“, вели Крстевска.
Според неа, во скулптурите на Башески се испреплетуваат повеќе концепти – од самонабљудување и современо преиспитување на човековата состојба, до употреба на нови материјали и филозофски пристап во процесот на моделирање и изработка. Токму тоа, додава Крстевска, овозможува неговите дела да се читаат на повеќе нивоа.
Од Венеција до Белград
Башески ја претставуваше Македонија на 54. Венециско биенале во 2011 година, а неговите дела денес се дел од приватни колекции во Македонија и во странство. Македонскиот скулптор и академик е добитник на повеќе меѓународни признанија, а неговиот препознатлив хиперреалистички пристап го поставува човечкото тело во центарот на прашањата за идентитетот, перцепцијата и современото живеење.
Изложбата во Белград е дел од поширока институционална соработка меѓу Националната галерија на Македонија и Музејот на современата уметност во Белград. Двете институции неодамна потпишале меморандум за соработка, а размената ќе продолжи и во 2027 година, кога изложба од белградскиот Музеј на современата уметност треба да биде претставена во еден од објектите на Националната галерија во Скопје.
„Корпореалност“ ќе биде отворена до 9 ноември во Музејот на современата уметност во Белград. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.