За 24 часа избувнаа 26 пожари: два сè уште горат, четири се под контрола

Во последните 24 часа во Македонија се регистрирани 26 пожари на отворен простор. Два пожара се активни, четири се под контрола, а 20 се изгаснати.

Вкупно 26 пожари на отворен простор се регистрирани во Македонија во периодот од 31 август до 1 септември до 7:30 часот, соопшти Центарот за управување со кризи. Од нив, 20 се целосно изгаснати, четири се ставени под контрола, а два и натаму се активни.

Активни се пожарите во Општина Сарај, на потегот меѓу селата Копаница и Радуша, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, и во Општина Штип, на просторот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде што е зафатена ниска вегетација.

Под контрола се пожарите во близина на селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, на градската депонија Острец во Делчево, во село Драгов Дол во Македонски Брод и над селото Палиград во Општина Зелениково.

Во текот на изминатото деноноќие пожарникарите интервенирале и на повеќе други локации низ земјата. Изгаснати се пожари во Гази Баба, Врапчиште, Кичево, Ресен, Прилеп, Долнени, Струга, Чашка, Ново Село, Старо Нагоричане, Боговиње, Желино, Кавадарци и Свети Николе.

Надлежните служби продолжуваат со следење на активните пожари и преземање мерки за нивно локализирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс