Руски напади врз енергетската инфраструктура во четири украински области: Над 100.000 домаќинства останаа без струја

Русија во текот на изминатата недела лансирала речиси 2.000 борбени дронови и 44 ракети кон Украина, тврди украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој бара итна испорака на дополнителни системи за противвоздушна одбрана.

Енергетската инфраструктура на Украина се најде на мета на руски напади во текот на изминатата ноќ, при што беа погодени четири области – Дњепропетровската, Виничката, Житомирската и Хмељницката. Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, нападите предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија, а повеќе од 100.000 домаќинства останале без струја.

„На мета се најдоа трафостаници, трансформатори и далноводи што ги снабдуваат домовите на нашите граѓани со електрична енергија. Екипите за поправки работат на сите локации. Во моментов, стотици илјади семејства сè уште немаат струја“, напиша Зеленски на платформата Икс. Тој додаде дека продолжуваат и руските напади врз друга критична инфраструктура во Украина.

Речиси 2.000 дронови и 44 ракети за една недела

Според податоците што ги објави Зеленски, Русија во текот на изминатата недела лансирала 1.940 борбени дронови, повеќе од 1.580 наведувани воздушни бомби и 44 ракети од различни типови, меѓу кои и 36 балистички ракети. Украинскиот претседател оцени дека интензитетот на нападите е исклучително висок и дека руските сили се обидуваат максимално да го искористат недостигот од пресретнувачи за балистички ракети.

Зеленски повторно ја нагласи потребата од дополнителни ракети за американските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, обраќајќи се до САД, европските земји и другите партнери на Украина.

Зеленски бара испораките да не се одложуваат со години

Иако САД и европските земји во текот на овој месец донеле нови одлуки за дополнителни пакети помош за Украина, Зеленски предупреди дека нивната реализација не смее да трае со години. „Русија токму сега ја уништува инфраструктурата и ги убива нашите луѓе, а оваа зима особено се потпира на балистичките ракети“, порача тој.


Според Зеленски, одлуките за зајакнување на противвоздушната одбрана мора да се спроведат веднаш, со цел да се намалат последиците од нападите врз критичната инфраструктура и цивилното население.

е-Трн да боцка во твојот инбокс