Александар Вучиќ ѝ го предаде претседателскиот печат на Ана Брнабиќ, а со него и привременото раководење со Србија. На денот кога го презеде највисокото државно овластување, Брнабиќ доби и букет цвеќе од Вучиќ за роденденот. Таа сега треба да ја води државата до изборот на нов претседател.
Александар Вучиќ на 27 септември поднесе оставка од функцијата претседател на Србија, седум месеци пред истекот на неговиот втор мандат. Веќе следниот ден, претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ ја презеде функцијата вршителка на должноста претседател на Републиката. Тоа следува автоматски според српскиот уставно-правен систем кога претседателот ќе поднесе оставка.
На примопредавањето во зградата на Претседателството во Белград, Вучиќ ѝ ги предаде документите поврзани со работата на претседателската институција, меѓу кои финансиски извештаи, документи за судски спорови и помилувања, како и евиденција за подароци и уметнички дела.
Но, најсимболичниот предмет беше претседателскиот печат.
„Цел живот се борев против службените печати – за нивно укинување, а сега го добив најважниот печат од сите“, изјави Брнабиќ.
На истиот настан, Вучиќ ѝ подари и букет цвеќе бидејќи 28 септември е нејзиниот роденден.
Од премиерка и претседателка на парламентот до шефица на државата
Со преземањето на функцијата, Брнабиќ стана првата личност во Србија која ги извршувала трите највисоки политички функции премиерка, претседателка на парламентот и вршителка на должноста претседател на државата.
Таа е четврта жена што ја извршува функцијата претседател на Србија во својство на вршителка на должноста. Пред неа на оваа позиција беа Наташа Миќиќ и Славица Ѓукиќ Дејановиќ, додека Србија досега немала жена избрана за претседател со полн мандат.
Брнабиќ по примопредавањето му се заблагодари на Вучиќ и изјави дека за неа е чест што ја презела функцијата од него.
„Сега на мене е да ја чувам оваа позиција додека народот не го избере следниот претседател на Србија“, рече таа.
Колку долго може да остане на функцијата?
Брнабиќ може да ја извршува функцијата вршителка на должноста претседател најмногу три месеци. Законот предвидува претседателските избори да се одржат најдоцна во рок од три месеци од престанокот на мандатот на претседателот. Од распишувањето до гласањето мора да поминат најмалку 30, а најмногу 60 дена.
Тоа значи дека претседателските избори можат да се одржат во повеќе можни термини, зависно од тоа кога ќе бидат распишани. Според едно правно толкување, првиот можен термин е 1 ноември, а последниот можен датум што паѓа во недела е 20 декември. Доколку се земат предвид и други неработни денови, се споменува и 26 декември како краен можен датум за гласање.
Во меѓувреме, Србија веќе се подготвува за уште еден изборен циклус. На 25 октомври ќе се одржат предвремени парламентарни избори за избор на 250 пратеници. Претседателските избори ќе следуваат во рокот утврден со закон.
Што може да прави вршителката на должноста претседател?
Иако функцијата е привремена, Брнабиќ нема само церемонијална улога. Според српскиот Закон за претседател на Републиката, вршителот на должноста може да ја претставува Србија во земјата и во странство, да прима акредитивни и отповикувачки писма од странски дипломатски претставници, да распишува парламентарни избори, да му предлага на парламентот кандидат за премиер, да врши овластувања во областа на одбраната и да командува со Војската на Србија.
Нејзиниот мандат, сепак, е временски ограничен и е врзан за изборот и стапувањето на должност на новиот претседател. Оставката на Вучиќ го отвора и поширокиот политички процес во Србија. Тој самиот изјави дека се повлекува од претседателската функција за да може без таа функција да учествува во кампањата за парламентарните избори на 25 октомври.
Така, Србија во следните месеци ќе има два изборни процеси прво парламентарни, а потоа претседателски.