„Наша Европа, растеме заедно”, Акција за пошумување кај езерото Младост

Акцијата се одржа вчера, во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, со цел обновување на уништениот шумски појас кај езерото „Младост”.

Повеќе од 3.000 нови садници беа засадени во опожареното подрачје кај езерото „Младост” во Велес, како силна порака дека Денот на Европа се одбележува и преку конкретна грижа за природата, заедницата и иднината. Во заедничката акција „Наша Европа, растеме заедно” учествуваа ученици, студенти и волонтери, заедно со дипломати од Европската Унија, Општина Велес, невладини организации, партнери и членови на локалната заедница.

Акцијата се одржа вчера, во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, со цел обновување на уништениот шумски појас кај езерото „Младост”. Преку заедничко садење, учесниците дадоа директен придонес кон обнова на просторот и испратија порака за солидарност, одговорност и заедничка грижа за животната средина.

Ангажманот на младите луѓе во оваа иницијатива беше од особено значење, бидејќи ја покажа нивната подготвеност активно да се вклучат во заштитата на природата и во создавањето позелена иднина. Акцијата ја поттикна соработката меѓу институциите, младите, граѓанските организации и локалната заедница, претворајќи го одбележувањето на Денот на Европа во видлива и корисна активност на терен.

Акцијата беше спроведена со стручна поддршка на терен од ЈП Национални шуми, подружница Велес, при што учесниците добија насоки за правилно садење, видовите садници и значењето на пошумувањето за обновување и заштита на локалниот екосистем.

Настанот го отвори Мартин Шродер, заменик-шеф на политичкиот сектор на Делегацијата на Европската Унија, во присуство на Вилма Дамбраускиене, амбасадорка на Литванија, словачката амбасадорка Ивета Хрикова, претставници од Амбасадата на Грција и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.

Акцијата беше дел од пошироката програма за одбележување на Денот на Европа, преку која Делегацијата на Европската Унија, земјите членки на ЕУ и мрежата на Јуроп хаус го носат духот на „Наша Европа” во повеќе градови низ земјата.

Со оваа иницијатива, Велес испрати порака дека грижата за природата почнува со заедничко делување. Засадените садници се трага што ќе остане за следните генерации и претставуваат трајно вложување во почиста животна средина, посилна локална заедница и позелена иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс