Случајот со загадената вода во Гостивар добива нова институционална димензија. Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за да утврди дали било повредено правото на граѓаните на безбедна вода за пиење. Од канцеларијата на Правобранителот соопштија дека веќе побарале информации од Институтот за јавно здравје, Општина Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Центарот за јавно здравје. Сепак, одговорите што ги добиле, велат, не се доволни.
„Добиените информации не ги содржат сите релевантни податоци и околности поврзани со загадувањето на водата. Поради тоа ќе се обратиме и до други надлежни институции за да добиеме целосна слика за случајот“, соопштија од канцеларијата на Народниот правобранител.
Во меѓувреме, жителите на Гостивар сè уште немаат безбедна вода за пиење. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред два дена соопшти дека квалитетот на водата и понатаму варира и дека таа смее да се користи исклучиво како техничка вода, а не за пиење или подготовка на храна.
Аферата веќе е предмет и на кривична истрага. Основното јавно обвинителство во Гостивар на 20 јули отвори истражна постапка против в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ Артана Асани, техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи.
Според Обвинителството, тие се сомничат за тешки дела против животната средина, бидејќи со свои дејствија овозможиле загадување на системот за водоснабдување, поради што водата станала небезбедна за пиење за жителите на Гостивар и неколку околни населени места.
Случајот влезе и во најновиот извештај на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, каде што е посочен како еден од најконтроверзните настани во земјата и како сериозен индикатор за можни системски слабости во управувањето со јавните услуги. Повеќе од три недели по избувнувањето на кризата, клучните прашања остануваат без одговор: како дошло до загадувањето, кој потфрлил и кога гостиварци повторно ќе можат безбедно да пијат вода од чешма?