Народниот театар Битола и „Бимилк“ воспоставија партнерство за поддршка на културата

НУ Народен театар Битола и „Бимилк“ потпишаа договор за соработка со кој компанијата ќе ги поддржи програмските активности на театарот. Партнерството вклучува и нов визуелен идентитет на дел од театарскиот простор, како симбол на заедничката посветеност кон културата.

НУ Народен театар Битола и компанијата „Бимилк“ официјално воспоставија партнерство насочено кон поддршка на културата, уметноста и развојот на локалната заедница. Договорот за соработка го потпишаа директорот на театарот Васко Мавровски и маркетинг директорката на „Бимилк“, Полексена Јанкуловска.

Од Народниот театар Битола истакнуваат дека ваквите партнерства се од големо значење за реализација на нови уметнички проекти и за понатамошен развој на културните институции.

„Поддршката од општествено одговорни компании како „Бимилк“ е од исклучително значење за развојот на културните институции и реализацијата на амбициозни уметнички проекти. Особено сме благодарни што „Бимилк“ ја препозна важноста на нашата мисија и што, покрај поддршката на програмските активности, остави и траен белег во просторот на театарот. Веруваме дека оваа соработка ќе биде значаен поттик за нашите идни проекти и активности“, изјави директорот Васко Мавровски.

Од „Бимилк“ нагласуваат дека поддршката на културните институции претставува вложување во заедницата и во вредностите што ја збогатуваат македонската културна сцена.

„Особено сме горди што воспоставуваме партнерство со театар кој со својата долгогодишна работа, посветеност и уметнички достигнувања остави силен белег во културниот живот. За нас, поддршката на Народниот театар Битола претставува вложување во заедницата, во креативниот потенцијал на младите генерации и во вредностите што остануваат препознатливи низ времето“, истакна Полексена Јанкуловска.

Во рамки на соработката, „Бимилк“ обезбеди брендирање на еден од надворешните излози на театарот, како и нов визуелен идентитет на гледалиштето преку брендирани навлаки на седиштата. Со тоа, посетителите уште при влезот во објектот ќе можат да го препознаат партнерството меѓу двете институции, кое има цел да придонесе за понатамошен развој и промоција на културата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс