Битолскиот театар меѓу основачите на нова Балканска асоцијација

НУ Народен театар Битола ќе биде меѓу основачите на Балканската асоцијација на театри и фестивали, иницијатива најавена на фестивалот БАБЕЛ ФАСТ во Трговиште, Романија.

НУ Народен театар Битола ќе биде меѓу основачите, потписниците и членови на новата Балканска асоцијација на театри и фестивали, иницијатива што беше официјално најавена во рамки на Меѓународниот фестивал БАБЕЛ ФАСТ во Трговиште, Романија.

На официјалната прес-конференција учествуваше директорот на НУ Народен театар Битола, Васко Мавровски, заедно со директорот на Театарот „Тони Буландра“ од Трговиште и директор на фестивалот БАБЕЛ ФАСТ, Мек Ранин, како и уметничкиот директор на фестивалот, Ливиу Келоју.

Во своето обраќање, Мавровски го претстави Битолскиот театар и истакна дека учеството на оваа институција на еден од значајните меѓународни театарски фестивали во регионот претставува голема чест, но и можност за нови соработки, размена и поголема видливост на македонската театарска сцена.

Формирањето на Балканската асоцијација на театри и фестивали има цел да ја продлабочи културната соработка меѓу театарските институции во регионот, да отвори простор за размена на искуства и да создаде нови можности за заеднички развој на театарската уметност.

Со приклучувањето кон оваа иницијатива, Народен театар Битола продолжува да ги зајакнува своите меѓународни партнерства и да ја претставува македонската театарска продукција пред поширока публика.

Во рамки на фестивалот, Битолскиот театар учествува со претставата „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски. Со ова гостување, театарот уште еднаш го потврдува своето присуство на меѓународната сцена и ја претставува Битола како важен театарски центар во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс