Трет смртоносен напад во Западна Австралија: Се бара отстрел на ајкулата

Полицијата уште трага по телото на 63-годишниот пливач кај Перт, додека властите се обидуваат да го уловат предаторот.

Австралиските власти издадоа наредба за лов и ликвидација на голема бела ајкула по смртоносен напад врз 63-годишниот Грег О’Нил на плажата Соренто во Перт. Спасувачките екипи сè уште трагаат по телото на пливачот кој настрада вчера наутро близу брегот. Ова е трет ваков фатален инцидент во Западна Австралија од почетокот на годината, а втор за само седум дена, што наметна итно затворање на брегот и нови дилеми за безбедноста на капачите.

Министерката за рибарство на Западна Австралија, Џеки Џарвис, потпиша директна наредба за лоцирање и усмртување на конкретната бела ајкула одговорна за нападот. Таа посочи дека мерката се однесува исклучиво на единката што претставува непосредна закана, отфрлајќи ги барањата за поширок или масовен отстрел во водите околу Перт.

Полицијата и локалните патроли користат чамци и дронови за пребарување на акваториумот, додека спасувачите сè уште немаат трага од телото на жртвата. Сите плажи во северните предградија на Перт остануваат затворени за посетители.

Загинатиот О’Нил пливал редовно на оваа локација. Неговото семејство соопшти дека станува збор за посветен татко, сопруг и страствен вљубеник во океанот, кој со децении активно пливал во овие води.

Граѓани и роднини денеска оставаат цвеќе на плажата Соренто. Овој инцидент е втор смртоносен напад во регионот во рок од само една недела, што го зголеми притисокот врз локалните власти за начинот на кој се менаџира присуството на големите предатори во близина на урбаните крајбрежја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс