Еден загинат во напад со дрон врз работници од нуклеарната централа Запорожје

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти за 15 повредени и го оцени инцидентот како најтежок за централата досега
Фото: Fredrik Dahl / IAEA

Едно лице загина, а 15 беа повредени во утрошен напад со дрон врз автобуска станица што ја користат вработените во нуклеарната централа Запорожје, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Сите жртви се вработени или надворешни соработници во објектот кој се наоѓа под руска окупација. Според локалната управа, ова е најтешкиот инцидент од ваков вид од почетокот на воениот конфликт.

Нападот се случил во раните утрински часови, токму во моментот кога работниците пристигнувале на своите работни места. Експлозијата од дрон го зафатила просторот на автобуската станица во близина на комплексот. Од 15-те повредени лица, тројца се наоѓаат во потешка здравствена состојба и им е укажана итна медицинска помош.

Потврдата за инцидентот ја даде и главниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, кој упати апел за итно запирање на сите напади насочени кон нуклеарните капацитети и нивниот персонал. Од агенцијата наведуваат дека самиот напад не предизвикал директно нарушување на нуклеарната безбедност на реакторите, но предупредуваат дека зачестените дејствија во индустриската зона го зголемуваат ризикот од катастрофа.

Руските власти за нападот ја обвинија украинската страна, додека официјален Киев сè уште нема упатено коментар за овие тврдења.

е-Трн да боцка во твојот инбокс