Грчката полиција го уапси 89-годишниот маж кој денеска рани пет лица во два одделни напади во Атина — во зградата на фондот за социјално осигурување ЕФКА и во Апелациониот суд.
Осомничениот бил пронајден по неколкучасовна потрага во хотел во Патра, каде што пристигнал со такси. Според грчките власти, кај него бил пронајден наполнет револвер, објави „Прототема“.
Полицијата претходно спроведе потрага во Атина, Каламата, од каде што потекнувал осомничениот, како и на автобуски и железнички станици.
Според грчките медиуми, постои сомнеж дека мажот планирал да ја напушти земјата. Претходно престојувал во Италија, а наводно имал намера да замине во Франција, односно во Стразбур, поради спор поврзан со пензија.
Нападот почнал утрово во просториите на ЕФКА во населбата Керамеикос во Атина, каде што била ранета една вработена. Потоа осомничениот ја напуштил зградата и се упатил кон Апелациониот суд на улицата Лукареос, каде што ранил уште четири жени, вработени како судски службенички.
Според полицијата, никој од присутните не го спречил при влегувањето во зградите, а истражителите проверуваат дали нападот бил однапред испланиран.
Грчките медиуми објавија дека осомничениот претходните денови контактирал такси служба и најавил дека ќе оди во институциите. Наводно, ден пред нападот му рекол на таксистот дека „ќе види што ќе прави утре“.
Медиумите во Грција наведуваат дека станува збор за постар човек кој живеел во тешки услови, а повремено за него се грижела неговата внука. Таа, според извештаите, ѝ помогнала на полицијата во утврдување на неговиот идентитет.
По нападите, осомничениот оставил и неколку писма наменети за медиумите, пренесе „Танјуг“.