Кој е најзлобниот негативец на „Дизни“? Анализа го откри неочекуваниот победник

Анализа на 50 познати „Дизни“ негативци открива кој лик добил најмногу поени според своите постапки, злоупотреба на моќ и суровост.

Анализа на 50 познати „Дизни“ негативци покажува дека најмрачното место не го заземаат ниту Скар, ниту Урсула, ниту Малефисента.

Добар херој може да го носи филмот, но добар негативец често е оној што останува во меморија. Од класичните анимирани приказни до поновите фантастични светови, „Дизни“ создаде цела галерија ликови што публиката ги памети подеднакво силно како и главните јунаци.

Но кој од нив е најзлобен?

Наместо одговорот да се базира на личен впечаток или носталгија, тимот на „Пиксел парад“ направил анализа со бодови. Во предвид биле земени најпознатите оригинални „Дизни“ негативци, без ликови од „Марвел“ и „Стар ворс“, а секој лик добивал поени според тежината на своите постапки во филмовите и сериите.

Во системот на бодување биле вклучени категории како убиства, злоупотреба на моќ, суровост, обиди за доминација, измама, киднапирање, терор, насилство и други форми на штета врз луѓе, животни или цели заедници. Колку потешки биле постапките, толку повеќе поени добивал негативецот.

Интересно е што дел од најпознатите „Дизни“ негативци не се најдоа толку високо колку што можеби би очекувала публиката. Круела де Вил, иако е еден од најпрепознатливите злобни ликови, се нашла релативно ниско на листата. Злобната кралица од „Снежана и седумте џуџиња“ исто така не влегла меѓу највисоко рангираните.

Во првите десет, сепак, има големи имиња. Малефисента од „Заспаната убавица“ се најде на десеттото место, додека меѓу најзлобните се и капетаните Барбоса и Салазар од „Пиратите од Карибите“, Уги Буги од „Кошмарот пред Божиќ“, Скар од „Кралот лав“ и Шан Ју од „Мулан“.

Високо на листата се најдоа и Бил Сајфер од „Гравити Фолс“, Рогатиот крал од „Црниот котел“ и Белата вештерка Џадис од „Хрониките на Нарнија: Лавот, вештерката и орманот“.

Но првото место, според анализата, му припаднало на судијата Клод Фроло од „Ѕвонарот на Богородичната црква“.

Фроло добил највисок резултат, 425 поени, поради комбинацијата на фанатизам, злоупотреба на власт, прогон, суровост и систематско нанесување штета врз други луѓе. Во анализата тој е опишан како лик кој не е само класичен филмски негативец, туку претставува опасна комбинација од институционална моќ, омраза и морална самоувереност.

Токму тоа го прави Фроло различен од многу други „Дизни“ негативци. Додека некои ликови се водени од магија, одмазда или желба за богатство, неговата злоба е пострашна затоа што доаѓа од позиција на власт и од уверување дека неговите постапки се оправдани.

Затоа, според оваа анализа, Фроло е најнепоправливиот и најмрачниот негативец во „Дизни“ универзумот. Тој не е најгласниот, ниту најфантастичниот лик на листата, но токму неговата „реалистична“ суровост му го донела првото место.

Рангирањето, секако, не значи дека публиката ќе престане да дебатира. За едни, Скар останува најмоќниот негативец поради предавството и трагедијата во „Кралот лав“. За други, Урсула е најхаризматичната, а Малефисента најиконична.

Но ако се гледа според методологија, бодови и тежина на постапките, титулата најзлобен „Дизни“ негативец оди кај Клод Фроло.

е-Трн да боцка во твојот инбокс