За повеќето патници, аеродромите се само привремена станица меѓу две дестинации – место за кафе пред летот, краток одмор за време на преседнување или шопинг во бесцаринските продавници. Но, некои од нив одамна ја надминале својата основна функција и прераснале во вистински архитектонски ремек-дела кои го збогатуваат целокупното патничко искуство.
Токму таквите објекти ги препознава Prix Versailles – престижна меѓународна награда под покровителство на УНЕСКО, која секоја година ги издвојува најуспешните современи архитектонски проекти во светот. Организаторите ја објавија листата на најубави аеродроми за 2026 година, нагласувајќи дека победниците не се избрани само поради функционалноста и услугите што ги нудат, туку и поради нивниот иновативен дизајн, естетика и способност да создадат пријатна и инспиративна атмосфера за патниците.
Годинава на листата се најдоа седум аеродромски терминали и комплекси од различни делови на светот, кои се издвојуваат со впечатлива архитектура и современи решенија.
Меѓу добитниците е Терминал 3 на Меѓународниот аеродром Guangzhou Baiyun во Кина, кој привлекува внимание со својата футуристичка архитектура и пространи патнички зони. На листата се најде и Терминал 3 на Аеродромот Франкфурт во Германија, единствениот европски претставник меѓу годинашните победници.
Индија има дури два претставници на престижната листа – Терминал 2 на Меѓународниот аеродром Lokapriya Gopinath Bordoloi во Гувахати и Терминал 1 на Меѓународниот аеродром Navi Mumbai, кој важи за еден од најамбициозните инфраструктурни проекти во земјата.
Меѓу најубавите аеродроми за 2026 година е вклучен и Меѓународниот аеродром Techo во Пном Пен, Камбоџа, кој се издвојува со впечатлив спој на модерна архитектура и локални културни елементи.
Соединетите Американски Држави имаат два претставници на листата – Меѓународниот аеродром Pittsburgh во Пенсилванија и Терминал 1 на Меѓународниот аеродром San Diego во Калифорнија, кои беа пофалени за своите современи решенија и подобреното искуство за патниците.
Според Prix Versailles, овие аеродроми претставуваат пример како инфраструктурните објекти можат да ја комбинираат функционалноста со врвната архитектура, создавајќи простори кои не служат само за транспорт, туку и за инспирација, удобност и културно доживување.