Финскиот национален парк Валкмуса месецов е домаќин на првиот фестивал во светот посветен на слушање на звуците од дивината, наречен Hiljaa Fest. Настанот, кој веќе го доби неформалниот прекар „Quietchella“, наместо вообичаената фестивалска гужва нуди целосен мир и тишина. Посетителите до 31 октомври можат бесплатно и самостојно да ги истражуваат шумските патеки, каде што природата ги диктира сите настапи.
Програмата на Hiljaa Fest опфаќа 13 различни „изведувачи“ од живиот свет, распоредени на четири локации низ заштитеното подрачје. Меѓу најавените ѕвезди на фестивалот се тетребот, шумот на ветерот, тресетната маовина и реткиот ноќен пеперуткар познат како rämekulmumittari, кој претставува и официјален заштитен симбол на паркот.
Организаторите нагласуваат дека фестивалот нема фиксна саатница ниту дефиниран редослед. Животните и временските прилики се непредвидливи, па публиката нема гаранција дека ќе ги види или чуе сите најавени изведувачи.
Паркот Валкмуса се наоѓа во местото Пихте, на околу 90 минути возење источно од Хелсинки. Ова подрачје е познато по специфичниот релјеф што опфаќа околу 40 различни типови влажни живеалишта. Теренот се минува преку дрвени мостови и патеки кои водат до неколку наменски набљудувачници за набљудување птици.
Креативниот директор на фестивалот и водич низ дивината, Симо Пери, истакнува дека целта на проектот е луѓето да го забават секојдневниот ритам.
„Го осмисливме овој концепт за посетителите да можат да чекорат низ паркот и вистински да ја чујат музиката што ја создава природата. Ова е патување наменето да ги нахрани душата и умот“, изјави Пери.
Официјалниот почеток се одржа на 10 октомври со група од 30 посетители избрани преку ждрепка, по што влезот стана слободен за секој заинтересиран. Од публиката се бара строго почитување на финскиот кодекс за однесување во природа. Тоа подразбира движење исклучиво по обележаните дрвени патеки, забрана за оставање отпад и целосно воздржување од вознемирување на дивиот свет.
Организаторите напоменуваат дека поради конфигурацијата на теренот и шумските патеки, рутата во ова издание не е достапна за лица со потешкотии во движењето. Доколку пилот-проектот покаже позитивни резултати за зачувување на биолошката разновидност, Hiljaa Fest повторно ќе се организира во 2027 година.
