Ова е едно од најшармантните села во Германија каде времето како да застанало

Скриено во срцето на Долна Саксонија, селото Миден (Müden Örtze) ги освојува посетителите со куќи со дрвени греди, историска воденица, средновековна црква и мирна природа. Со речиси илјадагодишна историја, ова место е вистински бисер на регионот Линебуршка Хајде.
Screenshot

Во северниот дел на Германија, таму каде што реките Вице и Ерце тивко се спојуваат, се наоѓа Миден (Müden Örtze), мало село во покраината Долна Саксонија кое многумина го сметаат за едно од најшармантните во земјата.

Наместо големи туристички атракции, овде посетителите ги пречекуваат калдрмисани улици, традиционални куќи со дрвени греди, пространи дворови, стари дабови и атмосфера која изгледа непроменета со векови. Токму затоа Миден го носи прекарот „Бисерот на Јужната Хајде“.

Screenshot

Селото денес е дел од општината Фасберг и брои околу 2.200 жители. Првпат се споменува во пишаните извори во 1022 година, а во 2022 година го прослави својот илјадагодишен јубилеј.

Името Миден потекнува од германскиот збор „münden“, што значи влевање, бидејќи токму тука реката Вице се влива во Ерце. Во близина на селскиот центар се наоѓа Örtzeeck, мирно место со дрвена платформа и клупи, од каде може да се ужива во природата.

Една од најголемите знаменитости е црквата „Свети Лаврентиј“, која датира од 13 век. Нејзината дрвена камбанарија е препознатлив симбол на регионот, а во внатрешноста се чува бронзена крстилница изработена во 1473 година.

Недалеку се наоѓа и историската воденица, изградена во 15 век. Денес таа е заштитен споменик и туристички информативен центар, но и понатаму сведочи за времето кога реката била главен двигател на животот и економијата во селото.

Од воденицата започнува патеката кон езерото Хајдезе (Heidesee), создадено во седумдесеттите години од минатиот век. Денес тоа е омилено место за прошетки, риболов и набљудување птици, а кружната патека околу езерото е долга околу 2,4 километри.

Во околината се наоѓаат и прочуените полиња со врес на Линебуршката Хајде, кои кон крајот на летото се претвораат во виолетов пејзаж. Низ селото минува и пешачката рута Heidschnuckenweg, долга 223 километри, една од најпознатите туристички патеки во Германија.

Screenshot

Љубителите на природата можат да го посетат и паркот за диви животни Wildpark Müden, каде во природна средина живеат бројни европски животински видови.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Миден станал омилено место за германските писатели и уметници, кои во неговата мирна атмосфера барале инспирација. Со доаѓањето на железницата селото постепено се развило во туристичка дестинација, но без да го изгуби својот автентичен изглед.

Посебен шарм му дава и „свадбената алеја“ покрај воденицата, каде младенците со години саделе дрвја како спомен на својот брак, создавајќи необичен зелен симбол на селото.

Во Миден нема една спектакуларна знаменитост што ќе доминира на разгледниците. Неговата убавина е во целината – тивките улици, старите куќи, сенките на дабовите, мостовите над реката и чувството дека времето овде тече многу побавно отколку на останатите места. За многумина токму тоа го прави едно од најшармантните села во Германија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс