Најпрометните аеродроми во светот во 2025 година

Рангирање на најпрометните аеродроми во светот за 2025 година. Атланта повторно на врвот, а глобалниот сообраќај бележи раст од 3,6%.

Објавена е новата ранг-листа на најпрометни аеродроми во светот за 2025 година, која покажува дека глобалниот воздушен сообраќај продолжува да расте и покрај економските и геополитичките предизвици. Според прелиминарните податоци на Airports Council International, во 2025 година низ светските аеродроми поминале околу 9,8 милијарди патници, што претставува раст од 3,6% во однос на 2024 година и надминување на нивото од периодот пред пандемијата.

На врвот на листата повторно се наоѓа аеродромот Хартсфилд–Џексон во Атланта со 106,3 милиони патници, и покрај мал пад во споредба со претходната година. По него следува Дубаи со 95,2 милиони патници, а трета позиција го зазема токискиот Ханеда со 91,7 милиони патници. Во првите десет се уште и Далас Форт Ворт, Шангај Пудонг, Чикаго О’Харе, Лондон Хитроу, Истанбул, Гуангжу и Денвер, при што повеќето бележат умерен раст на патничкиот сообраќај.

Иако глобалната побарувачка за патувања останува силна, експертите предупредуваат дека 2026 година носи одредена неизвесност поради геополитички тензии, економски притисоци и зголемени цени на горивото. Овие фактори можат да влијаат врз цените на билетите и изборот на рути, иако интересот за патување засега не слабее.

Според АCI, во наредниот период најголем раст се очекува во Африка, Блискиот Исток и Азија-Пацифик, додека Европа и Северна Америка ќе бележат постабилен, но поскромен раст на сообраќајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни