Научниците тврдат дека препознале карактеристики кои повеќето луѓе ги доживуваат како атрактивни, а резултатите укажуваат дека обликот на лицето игра важна улога во првиот впечаток.
Според резултатите од истражувањето, највисоки оценки за привлечност добиле жени со повитко лице, пополни усни и поизразени црти на лицето. Кај мажите најдобро поминале оние со наглаcena вилица и поизразен, поаголест профил.
Во истражувањето учествувале шест независни оценувачи, тројца мажи и три жени, кои секој 3D модел на лице го оценувале на скала од 0 до 100.
Авторот на истражувањето, Георгиос Канавакис од Универзитетот во Атина, изјавил за PsyPost: „Физичката привлечност влијае на бројни аспекти од нашиот живот и има клучна улога во секојдневните човечки интеракции. Го обликува сето тоа, од првите впечатоци и случајните познанства, до деловните можности и романтичните врски.”
Тој додал дека, и покрај вкоренетото мислење дека убавината е целосно субјективна, бројни истражувања покажуваат дека меѓу луѓето постои изненадувачки голем степен на согласност околу тоа кои лица ги сметаат за привлечни.
Истакнал и дека привлечноста не се сведува на една „совршена” црта на лицето, како носот или вилицата, туку на склад од различни обележја кои заедно создаваат целина.
За да ги доловат резултатите, истражувачите издвоиле неколку познати личности чии црти на лицето одговараат на карактеристиките што се покажале како најпривлечни.
Кај жените како примери ги навеле актерката Марго Роби и манекенката Елса Хоск, додека меѓу мажите ги издвоиле манекенот Дејвид Ганди и актерот Хенри Кавил.
Марго Роби
Австралиската актерка и продуцентка е една од најголемите холивудски ѕвезди денес. Се прослави со филмот „Волкот од Вол Стрит”, а подоцна остварила улоги во филмовите „Јас, Тоња”, „Си беше еднаш во Холивуд” и „Барби”, кој стана глобален хит. Повеќекратно е номинирана за Оскар, а покрај глумата води и успешна продукциска куќа LuckyChap Entertainment.
Елса Хоск
Шведската манекенка и претприемачка е најпозната како една од поранешните ангели на Victoria’s Secret. Настапувала на ревии на најголемите светски модни куќи и била заштитно лице на бројни луксузни брендови. Во последниве години развива и сопствен моден бренд Helsa Studio, и е една од најследените манекенки на Инстаграм.
Дејвид Ганди
Британскиот модел се смета за еден од најуспешните машки модели на сите времиња. Светска слава стекнал како заштитно лице на Dolce & Gabbana, а често го нарекуваат човек што ги промени стандардите на машката мода, враќајќи ја во прв план атлетската градба наместо изразито слабиот изглед. Освен со манекенство, се занимава со пишување, дизајн и хуманитарна работа.
Хенри Кавил
Британскиот актер е најпознат по улогите на Супермен во DC филмовите, и на Џералт од Ривија во серијата „The Witcher”. Глумел и во филмовите „Мисија: Невозможна – Отфрлање”, „Човекот од U.N.C.L.E.” и „Аргајл”. Освен глумата, е познат по љубовта кон видеоигри, фантазија и друштвени игри, поради што многумина го сметаат за еден од најпопуларните „гик” актери во Холивуд.
Првиот впечаток настанува за неколку секунди
„Првите впечатоци се создаваат за дел од секундата и имаат силно и трајно влијание врз човечките односи”, се наведува во истражувањето.
„Освен основните информации како пол или возраст, при првата средба свесно или несвесно создаваме мислење за другите. Тие мислења се поврзани со особини како доверливост, компетентност и интелигенција.”
Интересно е дека едно поранешно истражување покажало дека жените, генерално, се сметаат за попривлечни од мажите.
„Особено интересно е тоа што жените другите жени ги оценуваат значително попривлечни отколку што ги оценуваат мажите. Од друга страна, машките лица добиле слични оценки од двата пола, но во целина биле оценети пониско”, објаснил за Daily Mail главниот автор на тоа истражување, Ојген Василевицки, од Институтот Макс Планк за емпириска естетика во Франкфурт.