Новите податоци покажуваат огромни разлики во туристичкиот притисок низ Европа, а хрватскиот Јадран е меѓу најоптоварените региони.
Грција убедливо доминира на листата на европски региони со најголем број туристички ноќевања во однос на бројот на жители. Според податоците на Евростат за 2024 година, Јужен Егеј е на првото место, а веднаш зад него се Јонските Острови.
Во Јужен Егеј, каде што се наоѓаат популарните дестинации Санторини, Родос и Кос, се регистрирани дури 127,2 туристички ноќевања по жител. Вкупно биле остварени повеќе од 41,5 милиони ноќевања, додека регионот има околу 326.000 жители.
Јонските Острови, со дестинации како Крф и Закинтос, се втори со 102,6 ноќевања по жител. На третото место е италијанската покраина Болцано со 68,9 ноќевања.
Хрватското јадранско крајбрежје е четврто со 67,5 ноќевања по жител, а на петтото место се Балеарските Острови во Шпанија со 60 ноќевања. Крит е шести со 55,6 ноќевања по жител.
Податоците покажуваат дека повеќето европски региони имаат помалку од 15 туристички ноќевања по жител. На спротивниот крај се Мазовјецкото Војводство во Полска и францускиот остров Мајот, каде што се регистрирани само 0,7, односно 0,5 ноќевања по жител.