Во последниот руски напад на Киев и околината, загинаа најмалку 13 лица, јавуваат светските медиуми, повикувајќи се на украински извори.
Според податоците на Ројтерс, 12 лица загинале во самиот Киев, а уште едно лице во поширокиот Киевски регион. Повредени се повеќе од 30 луѓе. Најтешко е погоден Соломјанскиот реон, каде во деветкатна станбена зграда загинале седум лица.
Во нападот биле оштетени станбени објекти, магацини, училиште и детска болница. Околу 90.000 домаќинства останале без електрична енергија, а снабдувањето подоцна било обновено за повеќе од половината од нив.
Недостиг на ракети „Патриот“ ја прави Украина ранлива
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара дополнителни ракети-пресретнувачи за системите „Патриот“, оценувајќи дека недостигот од антибалистичка одбрана директно ја зголемува опасноста за украинските градови. Според него, Украина во првата половина од 2026 година добила само околу една третина од бројот на ракети за воздушна одбрана што ги добила во истиот период лани.
Балистичките ракети се особено тежок предизвик за украинската одбрана бидејќи се движат со голема брзина и оставаат само неколку минути, а понекогаш и секунди, за пресретнување. Според украинското воено воздухопловство, системите „Патриот“ во моментов се единствените што Украина ги има и кои можат да пресретнат дел од руските балистички ракети како „Искандер-М“.
Русија соопшти дека цел на нападите биле капацитети за производство на компоненти за дронови, воен магацин и логистички центар. Украинските власти, пак, пријавија значителни оштетувања и на цивилни објекти.
Руските воздушни напади врз Украина се интензивираа во последните месеци. Според податоците на Обединетите нации, во јули биле убиени најмалку 437 цивили, а 2.610 биле повредени, што беше најголем месечен број цивилни жртви од мај 2022 година.