Каде живеат најголемите патриоти во светот?

Истражување открива како граѓаните во САД, Европа и Канада го доживуваат патриотизмот и кои земји имаат најсилно чувство на национална гордост.

Истражување на „Политико“ и истражувачката компанија Public First покажува дека граѓаните во западните демократии се горди на своите земји, но начинот на кој го изразуваат патриотизмот значително се разликува.

Жителите на САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија и Шпанија во најголем дел велат дека се горди на својата држава, но историските околности, политичките поделби и општествените вредности влијаат врз нивното разбирање на националниот идентитет.

Американците најчесто го поврзуваат патриотизмот со националните симболи. Речиси половина од испитаниците сметаат дека токму САД имаат најпатриотски граѓани, а голем број од нив поседуваат американско знаме. Сепак, и овој симбол во земјата често станува дел од политичките поделби.

Во Германија односот кон патриотизмот сè уште е силно поврзан со минатото и злосторствата од нацистичкиот период. Повеќето Германци сметаат дека земјата направила доволно за да се извини за историските грешки, но многумина избегнуваат да зборуваат за гордост или срам поврзан со минатото.

Шпанија се издвојува како европска земја со најсилно изразен национален идентитет. Голем дел од граѓаните велат дека се горди што се Шпанци и сметаат дека нивната земја е едно од најдобрите места за живот, и покрај политичките поделби и историските спорови.

Во Франција мнозинството граѓани поддржуваат децата во училиштата да ја пеат националната химна, додека во Велика Британија дел од населението смета дека денес е потешко отворено да се изрази национална гордост без критики од околината.

Канада се разликува по тоа што граѓаните најмалку го поврзуваат чувството на срам за својата земја со политичките лидери, што ја издвојува од останатите држави во истражувањето.

Резултатите покажуваат дека патриотизмот денес нема едно универзално значење. За едни тој е поврзан со знамето и традицијата, за други со критичкиот однос кон историјата и вредностите на општеството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс