Тенерифе е прогласен за најдобра европска островска дестинација, но и хрватските острови Корчула, Мљет, Лошињ и Брач се најдоа меѓу најдобрите.
Европа располага со илјадници острови, а изборот за летен одмор е огромен. Ново истражување на агенцијата „Saga Holidays“ ги спореди најпопуларните островски дестинации според временските услови, природата и понудата на храна и пијалаци.
Според истражувањето, првото место го освои Тенерифе од Канарските Острови со 95 од 100 поени. Островот се истакна со сончевото време, разновидните пејзажи и квалитетната гастрономска понуда.
Второто место му припадна на Ла Палма, исто така дел од Канарскиот архипелаг, додека трет е португалскиот остров Мадеира, познат по својата богата природа и прастарите шуми под заштита на УНЕСКО.
Меѓу најуспешните се најдоа и четири хрватски острови. Корчула е на четвртото место со 92 поени, а веднаш зад неа е Мљет со 90 поени, кој е издвоен како еден од најзелените и најприродни острови во Европа. Во топ 10 се најдоа и Лошињ на седмото и Брач на осмото место.
Интересно е што во првите десет најдобри острови нема ниту еден грчки остров, иако Грција е една од најпознатите европски дестинации за летување.
Во категоријата со најдобро време доминираат Канарските Острови, додека за најдобра гастрономска понуда највисоко се оценети италијанските острови Капри и Сардинија. Кога станува збор за зелените површини и природата, Мљет е прогласен за најдобар, а веднаш зад него се најдоа Корчула и Мадеира.
Истражувањето ги рангираше островите според комбинација од природни убавини, клима и туристичка понуда, со цел да им помогне на патниците полесно да ја изберат идеалната летна дестинација.