Хотелот Collegio alla Querce, Auberge Collection во Фиренца е прогласен за најдобар нов хотел во светот за 2026 година, според избор на магазинот Esquire.
Станува збор за уникатен објект сместен во поранешна вила од 16 век, која подоцна функционирала како училиште, а денес е трансформирана во луксузен хотел со 83 соби. Она што го издвојува е неговата позиција – на рид со спектакуларен поглед кон историскиот центар на Фиренца и тосканската природа.
Реновирањето било направено со посебно внимание да се зачува автентичниот изглед – реставрирани се фрески, дрвени тавани и архитектонски детали, додека ентериерот е прилагоден на современи стандарди.
Хотелот нуди и дополнителни искуства – ресторани со традиционална италијанска кујна, бар сместен во поранешната канцеларија на директорот и спа центар со природни производи.
Експертите велат дека токму комбинацијата од историја, дизајн и мирна локација, но сепак блиску до центарот, го прави овој хотел еден од највпечатливите нови туристички објекти во Европа.
Фиренца и понатаму останува една од најатрактивните туристички дестинации во светот, а ваквите проекти дополнително ја зацврстуваат нејзината позиција како центар на уметност, култура и луксузен туризам.