Сонцето снимено како никогаш досега: случајно создадени најдеталните фотографии во историјата

Научниците случајно ги снимија најдеталните фотографии од Сонцето досега, откривајќи нови детали за магнетните полиња и сончевите ерупции.

За време на тестирање на најмоќниот соларен телескоп во светот, научниците сосема случајно ги снимија најдеталните фотографии од површината на Сонцето. Новите снимки откриваат досега невидени магнетни процеси кои играат клучна улога во создавањето на сончевите ерупции и вселенското време.

Истражувачите до откритието дошле додека го калибрирале соларниот телескоп „Даниел К. Инује“ на Хаваи. Наместо научен експеримент, снимките првично биле наменети за проверка на перформансите на инструментот, но анализата покажала дека е забележана надворешната обвивка на Сонцето со рекордна резолуција.

На фотографиите се гледаат сложени вртложни движења на врелиот гас, создадени од силното магнетно поле на Сонцето. Научниците објаснуваат дека токму овие процеси доведуваат до акумулација на огромна енергија, која подоцна може да се ослободи како сончеви ерупции и исфрлања на коронална маса. Таквите појави влијаат врз таканареченото вселенско време и можат да предизвикаат нарушувања на електричните мрежи, сателитите и комуникациските системи на Земјата.

Истражувањето, објавено во списанието Nature, потврдува и присуство на појавата позната како Келвин-Хелмхолцова нестабилност, која настанува кога слоеви од жежок гас се движат со различни брзини и создаваат спирални вртлози.

Според научниците од Националната соларна опсерваторија на САД, овие сознанија не само што ќе помогнат подобро да се предвидува вселенското време, туку ќе придонесат и за подобро разбирање на физичките процеси што се случуваат во атмосферата на Сонцето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс