Најбогатите на светот веќе не купуваат јахти, туку долговечност

Технолошките бизнисмени ги менуваат приоритетите и наместо во луксузни имоти, сè повеќе инвестираат во научни истражувања за продолжување на човечкиот животен век. Преку спојување на биотехнологијата и вештачката интелигенција, светските милијардери финансираат проекти чија цел е подмладување на клетките и обезбедување повеќе здрави години живот.

Најбогатите луѓе на светот сè помалку ги трошат своите пари на луксузни јахти или спортски автомобили, а наместо тоа ја избираат долговечноста како своја главна инвестиција. Во свет каде што вештачката интелигенција се развива со неверојатна брзина, технолошките милијардери се обидуваат да одговорат на прашањето дали технологијата конечно може да ја победи биологијата. Овие истражувања не се насочени само кон продолжување на животот, туку кон обезбедување што повеќе здрави и продуктивни години.

Џеф Безос важи за еден од главните инвеститори во стартапот „Altos Labs“, кој се фокусира на пронаоѓање начини на запирање на процесот на стареење. Со почетно вложување од три милијарди долари, оваа компанија ги ангажираше водечките светски научници, вклучувајќи го и нобеловецот Шиња Јаманака. Нивната главна цел е репрограмирање на клетката со цел остварување целосна регенерација на човечкото тело.

Слични чекори презема и директорот на „OpenAI“, Сем Алтман, кој лично инвестираше 180 милиони долари во биотехнолошката фирма „Retro Biosciences“. Оваа компанија веќе користи напредни модели на вештачка интелигенција за протеински инженеринг и развој на терапии против Алцхајмеровата болест. Нивната основна идеја е клетките со текот на годините да не го изгубат правилното функционирање и способноста за обновување.

Марк Закерберг и неговата сопруга Присила Чан исто така инвестираат милијарди долари преку нивната иницијатива за изградба на дигитална биологија базирана на вештачка интелигенција. Нивниот нов проект има за цел да овозможи брзи компјутерски симулации за реакцијата на клетките на одредени лекови. На овој начин значително се забрзуваат научните откритија без потреба од долготрајни и скапи лабораториски тестирања врз живи ткива.

Во оваа глобална трка се приклучуваат и други технолошки пионери, како Питер Тил, Сергеј Брин и основачите на „Google“ преку компанијата „Calico“. Нивните мотиви варираат од чисто деловни до длабоко лични причини, вклучувајќи ја и борбата против специфични генетски заболувања како Паркинсоновата болест. Сите тие заедно создаваат нов екосистем во кој медицината се трансформира од реактивна во превентивна наука.

И покрај огромните финансиски средства кои се влеваат во овој сектор, претворањето на научните откритија во безбедни медицински терапии се покажа како долг и сложен процес. Преодот од успешни опити во лабораторија до клиничка примена кај луѓето носи голем број непредвидливи предизвици. Сепак, за овие бизнисмени кои веќе го променија дигиталниот свет, борбата против биологијата претставува следниот најголем експеримент за продолжување на човечкиот век.

е-Трн да боцка во твојот инбокс