„17“ на Косара Митиќ и „Скејтбордингот“ на Дина Дума со признанија во Сараево

Двата македонски наслови освоија вкупно пет признанија на 32. Сараево филм фестивал, вклучително награди за глума и публика
Фото: СФФ

Македонската кинематографија забележа голем успех на 32. издание на Сараево филм фестивал со освоени пет награди за два домашни филма. Остварувањето „17“ во режија на Косара Митиќ заминува со четири признанија од фестивалот, додека новиот проект на Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“, освои награда во младинската категорија.

Филмот „17“, реализиран во продукција на „Black Cat Production“, доби најмногу признанија меѓу македонските претставници на годинешното фестивалско издание.

Проектот ги освои Специјалната награда за промовирање на родова еднаквост, наградата „Cineuropa“, како и признанието од публиката „UniCredit“. Главната актерка во филмот, Ева Костиќ, ја доби наградата „Срце на Сараево“ за најдобра актерка.

По добивањето на специјалното признание за родова еднаквост, режисерката Косара Митиќ ја посвети наградата на сите жени во филмската индустрија со порака храбро да продолжат со своето творештво.

Успехот во Сараево го надополни и режисерката Дина Дума со филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“.

Овој филм ја освои наградата „Special Youth Perspectives Award“, со што македонската селекција на фестивалот заокружи вкупно пет официјални признанија.

Двата проекти се реализирани со поддршка од Агенцијата за филм.

е-Трн да боцка во твојот инбокс