Светот е поблиску до родова еднаквост од кога било досега, но напредокот е бавен и кревок. Тоа е заклучокот на Светскиот економски форум (WEF), кој го објави 20. издание на својот Извештај за глобалниот родов јаз. Според извештајот, глобално досега е затворен 69,2 отсто од родовиот јаз, при што 100 отсто би означувале целосна еднаквост меѓу жените и мажите. Во однос на претходната година, има подобрување од 0,4 процентни поени.
Иако најголем напредок е забележан во пристапот до здравствена заштита и образование, сликата е поинаква кога станува збор за економската и политичката моќ. WEF го мери родовиот јаз преку четири главни области: економски можности, политичко учество, образование и здравство. Во економската сфера се следат показатели како пристапот до вработување, еднаквоста во платите и застапеноста на жените на технички и раководни позиции, додека политичката моќ се мери преку застапеноста во парламентите, владите и на највисоките државни функции.
„Жените денес стигнуваат до највисоки раководни позиции во бизнисот и владата на нивоа кои во 2006 година беа реткост, но и понатаму се во голема мера недоволно застапени на позициите со најголемо економско и политичко влијание“, наведува Светскиот економски форум.
Најголемата дупка е таму каде што е моќта
Еден од примерите што го издвојува извештајот е индустријата за вештачка интелигенција. Жените и понатаму се недоволно застапени „на секое ниво“ во компаниите од овој сектор. Тоа значи дека напредокот во образованието и здравството не се претвора автоматски во еднакво учество во економското одлучување, раководењето и политичката моќ.
На врвот на глобалната листа и 17-та година по ред е Исланд, каде што се затворени 93 отсто од родовиот јаз. Но глобалната слика останува далеку од целосна еднаквост. Ако продолжи со сегашното темпо, на светот ќе му бидат потребни околу 120 години за целосно затворање на родовиот јаз. Најбрза долгорочна динамика на напредок има регионот на Латинска Америка и Карибите. Со сегашната стапка, таму родовиот јаз би можел да биде затворен за околу 60 години.
Извештајот на Светскиот економски форум затоа покажува една важна противречност: жените денес имаат поголем пристап до образование и здравство и почесто стигнуваат до раководни позиции отколку пред две децении, но највлијателните економски и политички позиции и понатаму се далеку од рамномерно поделени.