44 години од смртта на Грејс Кели, принцеза на Монако

Холивудска ѕвезда која на врвот на кариерата ја напушти глумата за да стане принцеза, а животот го загуби во сообраќајна несреќа на 52-годишна возраст

Американската глумица Грејс Кели, подоцна принцеза Грејс од Монако, почина на 14 септември 1982 година, еден ден откако доживеала мозочен удар зад воланот, по што нејзиниот автомобил паднал низ провалија на планински пат во близина на Монте Карло. Во автомобилот со неа била и нејзината седумнаесетгодишна ќерка Стефани. Кели имала 52 години.

Од Филаделфија до Холивуд

Грејс Кели е родена на 12 ноември 1929 година во Филаделфија, во богато ирско-католичко семејство. На Бродвеј дебитирала во ноември 1949 година, а првата филмска улога ја добила во 1951 година, во филмот „Fourteen Hours“. Во текот на педесеттите години станала една од најголемите холивудски ѕвезди, со улоги во филмовите „Rear Window“, „To Catch a Thief“ и „High Noon“. За улогата во „The Country Girl“ ја освоила наградата „Оскар“ за најдобра главна глумица.

Средба во Кан, свадба во Монако

Кели и принцот Рение III од Монако се запознале на Филмскиот фестивал во Кан, една година пред нивната венчавка. Се венчале на 18 април 1956 година, на раскошна церемонија во Монако, по што Кели ја напуштила глумечката кариера и станала принцеза Грејс. Двојката имала три деца – Каролина, Алберт II и Стефани.

На 13 септември 1982 година, принцезата Грејс се возела заедно со најмладата ќерка Стефани, кога доживеала мозочен удар и ја изгубила контролата над автомобилот, кој паднал низ провалија на патот во близина на Монте Карло. Стефани претрпела фрактура на вратен прешлен, но целосно се опоравила. Принцезата Грејс останала во кома, а лекарите не успеале да ја вратат при свест.

Следниот ден, на 14 септември 1982 година, принцот Рение донел одлука да биде исклучена од апаратите за одржување во живот. Погребот се одржал на 18 септември 1982 година во катедралата „Свети Никола“ во Монако, во присуство на принцезата Дајана, американската прва дама Ненси Реган и Даниел Митеран, сопруга на францускиот претседател. Принцезата Грејс е погребана во семејната гробница на Грималди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс