Жителите на Мостар веќе неколку дена се соочуваат со загаден воздух по пожарот на градската депонија, додека стотици тони отпад остануваат во градот поради блокади на транспортот.
Мостар се соочува со сериозна еколошка и здравствена криза по пожарот што избувна на градската депонија во населбата Врапчиќи. За жителите проблем не се само чадот и штетните честички во воздухот, туку и стотиците тони смет чие транспортирање до депонијата е блокирано од дел од локалните жители и политички активисти.
Поради тоа, постои опасност од појава на зарази во градот, особено затоа што Мостар изминатите денови беше изложен на температури и до 40 Целзиусови степени.
Пожарот што избувна во понеделникот на градската депонија двапати повторно се активираше, поради што градот веќе четири дена е под чад и загаден воздух.
Воздухот загаден, пожарот под контрола
Според сервисот за мерење на квалитетот на воздухот IQAir, жителите на Мостар биле изложени на умерен ризик на отворено, а концентрацијата на ситни штетни честички била неколку пати повисока од препорачаното ниво на Светската здравствена организација.
Пожарот е ставен под контрола, но чадот и натаму се издига од депонијата.
Градот претходно прогласи вонредна состојба поради пожарот на депонијата Уборак, со цел надлежните служби побрзо да реагираат, да ги санираат последиците и да организираат привремено згрижување на отпадот.
Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, изјави дека пожарот предизвикал огромна штета на депониското поле и сериозна загриженост кај граѓаните поради чадот што се надвил над градот.
Блокиран пристапот до претоварната платформа
На локацијата се наоѓаат неколку жители и политички активисти кои се противат на депонирање отпад на оваа локација, па дури и на нејзино користење како претоварна станица, од каде што отпадот би се транспортирал до депонии во други градови.
Според медиумските извештаи, полицијата треба да испрати дополнителни сили на терен за да овозможи спроведување на одлуката на Кризниот штаб на цивилната заштита на Град Мостар, кој наложи отстранување на сметот од градските улици.
Кордиќ денеска ги повика граѓаните да ги прекинат блокадите, предупредувајќи дека состојбата е сериозна.
„Апелирам до жителите на северниот дел од градот кои го блокираат пристапот до претоварната платформа да престанат со тоа, бидејќи им нанесуваат голема штета и на себе и на сите нас и создаваат сериозен проблем“, изјави Кордиќ.
Градоначалникот предупредува на кривична одговорност
Кордиќ порача дека градот се наоѓа во вонредни околности и дека мора да се почитуваат одлуките на надлежните институции.
„Секој што блокира или не ги почитува наредбите на Штабот за цивилна заштита на Град Мостар не прави прекршок, туку кривично дело, што може да резултира со затворска казна или со сериозни финансиски санкции“, рече градоначалникот.
Тој додаде дека во тек се напори за решавање на проблемот со одвозот на отпадот од градот.
Според него, во Мостар секојдневно се создаваат околу 120 тони отпад, а во моментов во градот има околу 500 тони смет што мора некаде да се транспортира.
Еколошка криза во туристичка сезона
Додека на терен се води борба со последиците од пожарот и со блокадите, чадот, загадениот воздух и стотиците тони отпад создаваат сериозен проблем за Мостар.
Кризата доаѓа во период кога градот бележи силна туристичка сезона и голем број посетители, што дополнително ја засилува загриженоста за јавната хигиена, здравјето на граѓаните и сликата на градот пред туристите.