Морган Спектор го менува Том Хенкс како Роберт Ленгдон во серија на Нетфликс

Актерот познат по „Позлатено доба“ ја презема улогата на познатиот симболог во новата ТВ-адаптација на романот на Ден Браун.
Фото: Jay Dixit, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Американскиот актер Морган Спектор ќе го глуми професорот од Харвард и симболог Роберт Ленгдон во новата серија на Нетфликс. Улогата што претходно ја толкуваше Том Хенкс во филмските адаптации сега добива ново лице во екранизацијата на шестиот роман на Ден Браун, „Тајната на сите тајни“. Снимањето на криминалистичката серија се одвива во соработка со самиот автор и шоуранерот Карлтон Кјуз.

Серијата го следи Роберт Ленгдон во трка со времето и со древни сили додека се обидува да спаси исчезната научничка и да го пронајде нејзиниот револуционерен ракопис. Содржината на овој документ, според приказната, содржи сознанија што можат трајно да го променат начинот на кој човештвото ја разбира сопствената свест.

Дејството на оваа адаптација е сместено во Прага, каде што се испреплетуваат футуристичка научна фантастика и историски загатки. Шоуранерот Карлтон Кјуз објаснува дека овој проект ги спојува динамиката на трилерот, љубовната приказна и истражувањето на човечкиот ум.

Романот „Тајната на сите тајни“ беше објавен во 2025 година како шестто продолжение од познатиот серијал за Ленгдон. По првото појавување во „Ангели и демони“ во 2000 година, ликот стана светски феномен преку бестселерите „Кодот на Да Винчи“, „Изгубениот симбол“, „Инферно“ и „Потекло“. Книгите од овој серијал се продадени во повеќе од 250 милиони примероци низ светот, а филмската франшиза оствари заработка од над две милијарди долари.

За разлика од претходните двочасовни филмски екранизации, Нетфликс се одлучи за серија во осум епизоди. Според Кјуз, овој формат конечно овозможува на екранот целосно да се прикажат ширината и слоевитоста на делото на Ден Браун. Кјуз и Браун се и извршни продуценти на серијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс