Море во август 2026: Колку чини 10-дневен одмор за четиричлено семејство?

Халкидики во август достигнува просечни 244 долари за ноќ, додека во Ксамил ист буџет може да покрие речиси цел одмор. Анализата на цените за сместување, храна и пат покажува каде македонските туристи добиваат најмногу за парите

Кога едно македонско семејство планира летување, првото прашање најчесто не е „каде”, туку „колку ќе чини”. Анализата на актуелните туристички понуди за август 2026 покажува дека разликите меѓу петте најбарани морски дестинации кај македонските туристи се значителни. За ист период и ист број лица, разликата во буџетот може да достигне неколку илјади евра.

Споредбата е направена за четиричлено семејство, двајца возрасни и две деца за 10 ноќевања во главната туристичка сезона, јули/август 2026. Во буџетот се вклучени сместување, три оброка дневно и патни трошоци. Цените за сместување се споредени преку Airbnb, Booking, HomeToGo, Holidu и Cozycozy, а трошоците за храна се пресметани според просечните ресторански цени по дестинација.

Албанија: Ксамил и Саранда — 1.400 до 1.950 евра

Албанија останува најдостапната опција на регионот. Апартман за четири лица во Ксамил или Саранда, со среден стандард, тераса и добра локација, се движи меѓу 70 и 100 евра по но, или 700 до 1.000 евра за 10 ноќи. Поевтини понуди од 50 евра по ноќ постојат, но во август најчесто се резервираат многу порано.

За храна, просечниот дневен трошок за четири лица изнесува 60 до 80 евра, или 600 до 800 евра за 10 дена. Патувањето со автомобил Скопје–Саранда, со гориво и автопат, чини 100 до 150 евра повратно. Вкупниот буџет: 1.400 до 1.950 евра.

Она што е недеостаток е тоа што Ксамил во август е меѓу најпренатрупаните плажи на Јонското Море. За помирен одмор, туристите сè почесто избираат Химара, Дерми или Ќепаро, каде цените се пониски.

Турција: Анталија и Аланија — 1.740 до 5.580 евра

Турција е посебен случај поради двојниот модел на понуда. При апартманска варијанта, сместувањето изнесува 60 до 120 евра по ноќ, или 600 до 1.200 евра за 10 ноќи, а храната додава 700 до 900 евра. Авионскиот превоз за четири лица до Анталија чини 400 до 700 евра, со додаток за трансфер 40 до 80 евра. Вкупно: 1.740 до 2.900 евра.

Меѓутоа, голем дел од семејствата избираат хотелски аранжман со вклучена храна. All inclusive пакет чини 700 до 1.200 евра по лице, или 2.800 до 4.800 евра за четворица. Со авионскиот превоз, вкупниот буџет за all inclusive одмор во Турција оди на 3.240 до 5.580 евра. За семејства со мали деца, Турција честопати нуди подобар однос цена–услуга поради базените, анимацијата и оброците вклучени во цената.

Грција: Халкидики — 2.280 до 3.420 евра

Грција традиционално е прв избор на македонските туристи, но августовските цени стануваат сериозен фактор за размислување. Просечната цена за апартман во Халкидики во август достигнува 244 долари за ноќ, според HomeToGo. Средна класа апартман за четири лица чини 130 до 200 евра по ноќ, или 1.300 до 2.000 евра за 10 ноќи. Поевтини опции во источниот Халкидики, Кавала и Олимписката ривиера се достапни на 100 до 140 евра по ноќ.

Грција е скапа и за храна, па така просечниот дневен буџет за четворица изнесува 90 до 130 евра, или 900 до 1.300 евра за 10 дена. Патот Скопје–Халкидики со автомобил чини 80 до 120 евра за гориво и патарини. Вкупниот буџет: 2.280 до 3.420 евра. Островите Тасос и Крф бараат дополнителен трошок за траект од 60 до 120 евра.

Црна Гора: Бар и Улцињ наспроти Будва — 1.580 до 2.920 евра

Черна Гора останува популарна поради достапноста со автомобил и без потреба за траект. Тука важно е каде точно се сместувате. Бар и Улцињ нудат апартмани за 70 до 100 евра по ноќ, додека Будва и Бечиќи во август достигнуваат 130 до 180 евра по ноќ. Котор и луксузните локации надминуваат 200 евра по ноќ.

Трошоците за храна изнесуваат 800 до 1.000 евра за четворица за 10 дена, а патот Скопје–Будва со автомобил чини 80 до 120 евра повратно. Вкупниот буџет за Бар и Улцињ изнесува 1.580 до 2.120 евра, а за Будва и Бечиќи 2.180 до 2.920 евра.

Хрватска: Макарска и Сплит од 2.200 до 5.170 евра

Хрватскиот Јадран е официјално наjскапата опција во регионот. По влезот во еврозоната во 2023 година, цените растеа конзистентно. Апартман во Макарска за четири лица чини 100 до 180 евра по ноќ, или 1.000 до 1.800 евра за 10 ноќи. Дубровник, Хвар и луксузните острови достигнуваат 200 до 350 евра по ноќ.

Храната во Хрватска е скапа по регионски стандарди, просечно 1.000 до 1.400 евра за четворица за 10 дена. Патот Скопје–Макарска со автомобил е 6 до 7 часа и чини 200 до 270 евра за гориво и патарини повратно. Вкупниот буџет за Макарска: 2.200 до 3.470 евра. За Дубровник и Хвар: 3.200 до 5.170 евра.

Каде е најдобрата вредност во 2026?

За буџет до 2.000 евра, Ксамил, Саранда, Бар и Улцињ се единствените реални избори. До 3.000 евра, семејствата можат да размислуваат за источна Грција, Турција со апартман или Будва. Над 3.500 евра, изборот се проширува кон Халкидики, Макарска или хотелски all inclusive во Турција.

Хрватска, особено Дубровник и луксузните острови, во август 2026 останува премиум избор, не поради недостаток на интерес, туку поради реалните пазарни цени.

Извори: Airbnb, Booking.com, HomeToGo, Holidu, Cozycozy, Trivago — јули 2026.

е-Трн да боцка во твојот инбокс