МНТ гостува во Дубровник со култната претстава „12“

Македонскиот народен театар ќе настапи со претставата „12“, работена по мотиви на култното дело „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз

По успешните регионални гостувања во Црногорско народно позориште (ЦНП), Црна Гора, и Народно позориште Сараево, Босна и Херцеговина, Македонскиот народен театар на 5 јуни ќе гостува со претставата „12“ во Казалиште „Марин Држиќ“ во Дубровник, Република Хрватска. 

Казалиште „Марин Држиќ“ континуирано соработува со бројни театарски институции и ансамбли, носејќи на својата сцена разновидни продукции и современи драмски остварувања наменети за публика од сите генерации.

Дубровник има богата и долга театарска традиција и значајно место во хрватскиот и регионалниот културен контекст. Низ историјата, театарот е препознатлив по развиената драмска книжевност, сценски израз и богата театарска дејност, што му обезбедува особено место во културниот живот на Хрватска и на просторот на поранешна Југославија.

Македонскиот народен театар ќе настапи со претставата „12“, работена по мотиви на култното дело „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз, во адаптација и режија на Синиша Евтимов.

Во претставата настапуваат: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов,Дамјан Цветановски/Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.

Претставата „12“ е едно од најактуелните и најгледани остварувања на репертоарот на Македонскиот народен театар, кое преку моќна актерска игра и современ театарски израз отвора универзални прашања за правдата, одговорноста, предрасудите и човековата совест.

Со ова гостување, Македонскиот народен театар продолжува активно да ја афирмира македонската театарска уметност на регионалната сцена и да ја зајакнува културната соработка со значајни театарски институции од регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс