Недела наутро:
Мамурлак одамна веќе нема, ха ха ха… затоа што многу ретко излегувам, ама затоа има будење рано, задолжително појадок и кафе. Без тоа не излегувам од дома. Потоа почнуваат активностите со моите две ќерки и подготовки за градинка и работа.
Неделен ручек:
Готвиме и јас и сопругот. Тој е одличен за подготовка на паста дури подобро и повкусно ги подготвува од многу професионални готвачи. Јас ја сакам и македонската кујна и си подготвувам македонски јадења. Многу сакам мусака и сарма. Знаеме и да излеземе надвор да јадеме, но и да одиме кај моите родители или кај свекрва ми.
Недела попладне:
Од пред пет години па наваму недела попладне ми е период посветен на децата, нивно бањање, и подготовка за градинка или спиење. Секако и моја подготовка за тековната работна недела. Не ретко знае да биде и време поминато на детски родендени. Кога сето тоа ќе заврши доаѓа малку време и за релаксација и филм.
Неделно опуштање:
Зависи. Не секоја недела исто се чувствувам. Најчесто сакам и сум со моето семејство, но некогаш сакам и е убаво и кога сум сама со себе или со моите другарки. Рецепт не знам дали има… Тоа е индивидуално, тоа што можам да го кажам е дека секој треба да се слуша себе си и да го прави тоа што го исполнува.
Недела навечер:
Исклучиво подготовка за понеделник и добар квалитетен сон.
Недела во детството:
Сигурно ми била многу безгрижна. Знам дека викендот го користев за играње надвор со другарчињата од маало. Навистина имав прекрасно детство, исполнето со многу смеа и игра. Но знам и дека секогаш за ручек бевме дома јас мајка ми, татко ми и брат ми.
Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Понеделник како ден можам да кажам и дека го сакам, затоа што секогаш е почеток на една нова недела, нов почеток на работните обврски и слично. Дали ми е сеедно? Хмм па јас во принцип не сум човек на кого било што му е сеедно… или сакам нешто/некој или не, или нешто ми се допаѓа или не, од минус во плус одам.