Четири века музичка историја и седум стилски епохи беа дел од концертот „Хронос“, кој на 30 септември се одржа во Концертната сала на Офицерскиот дом во Битола. Публиката патуваше низ музичките периоди преку настапот на тенорот Исмет Вејсели и пијанистот Шкељзен Бафтиари, во организација на Јуроп хаус Битола.
Програмата на „Хронос“ опфати дела создавани во период од четиристотини години. Вејсели и Бафтиари ја водеа публиката низ композиции од ренесансата и барокот, преку романтизмот и импресионизмот, сè до дела од современата македонска музика и американскиот џез.
Концептот ги постави различните стилови еден до друг, поврзувајќи ги минатото и сегашниот авторски израз низ непрекината изведба.
Идејата за концертот потекнува од Хронос, митолошката персонификација на времето. Наместо како минливост, авторите го поставија времето како простор за уметничко поврзување, имагинација и сеќавање.
Настанот во Офицерскиот дом покажа како историските форми природно комуницираат со современиот музички израз кога се поставени во јасна изведувачка рамка.