Светската економија засега покажува поголема отпорност од очекуваното, но просторот за маневрирање станува сè потесен. Новите геополитички шокови, високото ниво на јавен долг и слабите среднорочни перспективи за раст се меѓу најголемите ризици, предупредува Меѓународниот монетарен фонд.
Во своето обраќање по повод Годишниот извештај на ММФ за 2026 година, управниот директор на Фондот, Кристалина Георгиева, посочува дека глобалната економија успева да се приспособи на серија шокови кои се појавуваат сè почесто и се преклопуваат едни со други.
Според неа, во текот на годинава војната на Блискиот Исток се наметнала како нов голем удар врз глобалната економија. Последиците се почувствувале преку нарушувања во снабдувањето со енергија и други суровини, посилни инфлаторни притисоци и проблеми во пошироките синџири на снабдување.
Сепак, светскиот раст не запрел. ММФ како фактори за отпорност ги издвојува приспособувањето на приватниот сектор, инвестициите во вештачка интелигенција, како и фискалните и монетарните политики.
„Без флексибилноста на приватниот сектор, поддржана од инвестициите во вештачка интелигенција, и без дисциплинираната економска политика, работите можеше да бидат многу полоши“, наведува Георгиева.
Но, според неа, тоа не значи дека ризиците се надминати. Неизвесноста останува висока, додека очекувањата за среднорочниот економски раст се ограничени.
Фондот предупредува и на дополнителен проблем – глобалниот јавен долг веќе се приближува до рекордни нивоа. Поради тоа, фискалните власти сè уште имаат инструменти за реакција, но нивното користење ќе мора да биде внимателно и насочено.
Покрај фискалната политика, ММФ ја нагласува важноста на структурните реформи кои би требало да ја зголемат продуктивноста и отпорноста на економиите.
Вештачката интелигенција како шанса и ризик
Посебно место во извештајот има брзиот развој на вештачката интелигенција. Според Георгиева, технологијата може да ја зголеми продуктивноста и да отвори простор за повисок економски раст, но истовремено носи и нови ризици.
Државите, според неа, треба да им помогнат на работниците да стекнат нови знаења и вештини, додека компаниите можат да го искористат потенцијалот на новите технологии за зголемување на продуктивноста. Паралелно со тоа, потребно е зајакнување на сајбер-отпорноста.
ММФ во годишниот преглед наведува дека глобалната економија во 2025 година успеала да го одржи растот и покрај геополитичките тензии, продолжените конфликти и промените во меѓународниот трговски систем. Инфлацијата продолжила да се намалува, додека инвестициите поврзани со технологијата и поддршката од економските политики помогнале да се зачува растот.
Но, среднорочниот период носи посложена слика. Стареењето на населението во голем дел од светот е еден од структурните фактори кои го ограничуваат потенцијалниот раст.
Годишниот извештај на ММФ за 2026 година носи наслов „Навигирајќи низ неизвесниот свет“ и се занимава со главните предизвици пред глобалната економија – растечкиот јавен долг, вештачката интелигенција, промените во светската трговија и развојот на дигиталните финансии.
Пораката на Фондот е дека глобалната економија сè уште покажува отпорност, но идниот раст ќе зависи од тоа колку успешно државите ќе се справат со новите шокови и со ограничениот простор за економска политика.