Search

Младите имаат помалку секс од генерациите претходно

Девојчињата и момчињата од 18 до 23 години имаат значително помалку секс без обврски или секс без долга врска, отколку младите на нивна возраст пред само десет години. Истражувачите веруваат дека влијание имаат намаленото консумирање алкохол, користењето на социјалните мрежи, зголеменото играње видео игри и подолгото живеење на младите со родителите.

Поголемиот дел од младите луѓе родени на крајот 1980-тите и 1990-тите избираат да немаат секс и имаат помалку сексуални односи од нивните родители, откриваат истражувањата. Според истражување објавено во „Архиви на сексуално однесување“, цитирано од „Time“, двојно повеќе од младите родени во овој период се невини во однос на тие родени во 1960тите и 1970тите кога тие биле на иста возраст.

„Пред неколку години, ќе бев многу изненадена од овој резултат“, вели авторката на студијата Жан Твенге, професорка по психологија на Државниот универзитет во Сан Диего и авторка на книгата Generation Me. Секако изгледа изненадувачки, со оглед на неодамнешните податоци на Твенге дека стапките на истополови врски се удвоиле во САД, а младите Американци се сексуално послободни и помалку традиционални. Но, истражувањата покажуваат дека младите возрасни деновиве имаат помалку сексуални партнери и почнуваат да имаат секс подоцна.

Твенге и нејзиниот тим се прашуваа дали луѓето кои воопшто немаат секс придонесуваат за овој тренд на помалку секс. Тие ги анализираа податоците од национална репрезентативна група од 26.707 возрасни, фокусирајќи се на Генерацијата Икс, Миленијалците и генерацијата по нив, која некои луѓе ја нарекуваат iGen. Петнаесет проценти од младите возрасни на возраст од 20 до 24 години, кои се родени во 1990-тите, рекле дека немале сексуални партнери од 18-годишна возраст, додека само 6% од GenX го признале истото кога се сеќаваат на сексуалните партнери во раните дваесетти.

На оваа студија се надоврзува и студијата на Универзитетот Рутгерс и Универзитетот во Албани, според која девојчињата и момчињата од 18 до 23 години имаат значително помалку секс без обврски или секс без долга врска, отколку младите на нивна возраст пред само десет години.

Истражувачите ги разгледаа постоечките податоци за семејната динамика и начинот на живот, собрани помеѓу 2007 и 2017 година, конкретно испитувајќи ги одговорите за сексуалната активност за 945 жени и 1.040 мажи. Тие откриле дека 38% од младите кои биле дел од истражувањето имале секс без обврски во 2007 година, а тој број паднал на 24% во 2017 година, пишува „Insider“.

По испитувањето на другите податоци, истражувачите веруваат дека намаленото консумирање алкохол, користењето на социјалните мрежи, зголеменото играње видео игри и младите кои живеат со родители подолг временски период доведоа до пад од 14 процентни поени во текот на 10-годишниот период.

„Сегашните млади луѓе ги прифаќаат улогите на возрасни подоцна во нивните животи и зависат од нивните родители подолго“, рече Леи Леи, коавтор на студијата и доцент по социологија на Рутгерс, цитирано во „Insider“.

Процентот на младите кои воопшто немаат секс постојано се зголемува во текот на изминатите три децении, но во 2018 година уделот на луѓе кои пријавиле дека немале секс во текот на целата претходна година бил највисок досега. Според податоците од Генералното социјално истражување, речиси секој четврти возрасен во САД изјавил дека немал секс во текот на изминатата година. Од 2008 до 2018 година, уделот на Американците на возраст од 18 до 29 години кои пријавиле дека немаат секс двојно се зголемил. Младите се венчаат подоцна во животот (ако воопшто) и можеби имаат помалку секс како резултат.

Како може ова да биде вистина покрај целата култура на брзо „мување“? И зошто повеќе млади луѓе го одбиваат сексот? Тие прашања не може да се одговорат без спроведување на рандомизирано контролирано испитување (што едноставно не можете да го направите во оваа област), така што истражувачите можат само да шпекулираат. Но, Твенге има некои идеи. „Постоеше општа шема во текот на последните неколку генерации за тоа како луѓето стануваа ‘возрасни’: работи како што се венчавка, раѓање дете, стабилна кариера, купување куќа“, вели таа. Продолжената адолесценција порано значеше дека луѓето почнуваат да имаат секс, но го одложуваат бракот и децата. „Сега, се чини дека Миленијалците и iGen одложуваат сè, вклучително и секс“, рече таа.

Едно интригантно објаснување е дека Миленијалците и генерацијата по нив пораснале со силен акцент на безбедноста. „Тоа може потенцијално да влијае на нивното сексуално однесување, ако ја добијат пораката дека може да се разболите или дури и да умрете од секс“, рече Твенге. Состојбата на умот „побезбедно е подобро“ се рефлектира и на друго место: малолетното пиење е на најниско ниво, а протестите во кампусите на факултетите честопати бараат безбедни простори и побезбеден секс.

Друга причина е и тоа дека младите се повеќе живеат на нивните телефони. „Ако сте на телефон и почесто комуницирате со луѓе и не ги гледате вашите врсници толку многу, тоа може да доведе до помалку секс“, вели Твенге. И додека телефоните можеби им помагаат на некои луѓе да најдат партнери, апликациите за запознавање како Тиндер веројатно изоставуваат цел сегмент од популацијата – можеби оној што нема секс. „Можеби ако некој кој не е физички привлечен запознае некого во бар, тие можат да ја шармираат другата личност со својот карактер и хумор“, објаснува Твенге. „На Тиндер, тоа е слика“.

Зголемената достапност на онлајн забавата, вклучително и услугите за стриминг и социјалните медиуми, играат улога во тоа колку често се случува сексот, пишува „The Athlantic“. Тоа значи дека дури и луѓето кои се во врска може да изберат да го поминуваат слободното време на Нетфликс или Инстаграм наместо во сексуална интимност со својот партнер.

Дополнително, жените добија поголема независност во последните децении и чувствуваат дека имаат поголема способност да ги избираат своите партнери. Стрејт жените стапуваат во брак со рекордно ниски стапки, според податоците од пописот во САД.

Повеќе млади луѓе веројатно избираат да се откажат од секс поради низа причини. Но, трендот е јасен: децата едноставно не растат толку брзо како порано, пишува „Time“.

Најново

Последни колумни