Амбиентот на Долни Сарај во Охрид вчеравечер беше сцена за силно уметничко поврзување, каде Младинскиот оркестар на Западен Балкан одржа концерт во рамки на музичката програма на „Охридско лето“. Под диригентство на албанско-германскиот маестро Десар Сулејмани, 75 млади инструменталисти докажаа дека уметноста создава мостови онаму каде што политиката честопати потфрла.
Репертоарот на концертот понуди внимателно избрана програма која ги задоволи највисоките естетски критериуми. Публиката имаше можност да ужива во изведбите на Увертирата кон операта „Танхојзер“ од Рихард Вагнер, симфониската поема „Помошникот на волшебникот“ од Пол Дука, како и во изведбата на наградено дело од млад композитор од Западен Балкан. Концертот заокружи со „Романска рапсодија бр. 1“ од Жорж Енеску и композицијата „Римски борови“ од Оторино Респиги.
Идејата за овој ансамбл произлегува од Европските летни музички академии кои се одржуваат во Приштина уште од 2012 година. Оркестарот официјално е формиран во 2019 година под уметничко раководство на Десар Сулејмани, со јасна мисија: да создаде уникатна платформа за младите уметници во регион кој сè уште ги лечи раните по распадот на поранешна Југославија.
Преку заедничко музицирање, овие млади луѓе ги надминуваат културните и политичките бариери, прераснувајќи во вистински амбасадори на дијалогот и разбирањето.