„Тука сме за да останеме“: Младите бараат реална моќ, а не само ветувања

Националниот младински форум отвори директен дијалог меѓу младите, институциите и граѓанскиот сектор за иднината на младинските политики во земјата. Учесниците порачаа дека младите не смеат да останат само статистика во извештаи, туку мора да добијат вистинско учество во носењето одлуки.

Во Скопје денес се одржа Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!“, настан што обедини млади луѓе од целата држава, претставници на институциите, локалната самоуправа, академската заедница, меѓународните организации и граѓанскиот сектор со цел да се отвори директен разговор за состојбата со младинските политики и иднината на младите во земјата.

Форумот се фокусираше на пет теми што младите ги препознаваат како клучни за нивниот живот и одлуката дали ќе останат во државата: младинско учество и локално одлучување, култура и меѓукултурен дијалог, вработување и претприемништво, животна средина и одржливост, како и творечко изразување.

Настанот се одржа во период кога најновите анализи покажуваат сериозен застој во спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики. Според Мониторинг-извештајот на Националниот младински совет на Македонија за 2025 година, локални младински совети постојат во само 24 општини, односно околу 30 проценти од вкупниот број општини во државата. Дополнително, само 11 општини го издвоиле законски предвидениот минимум од 0,1 проценти од буџетот за млади.

Извештајот покажува и дека дел од клучните механизми предвидени со законот донесен во 2020 година сè уште не се воспоставени, меѓу кои Националното собрание на млади и Националното советодавно тело за младински политики. Од вкупно 205 активности планирани во Акцискиот план за Националната стратегија за млади 2023–2025, само 23 проценти се целосно реализирани.

Од форумот беше испратена порака дека младинските политики не смеат да останат само формални документи без реална примена. Учесниците нагласија дека се потребни функционални институционални механизми, стабилни буџети и вистинско вклучување на младите во процесите на одлучување.

„Младите во Северна Македонија предолго се сведени на статистика во извештаи, наместо на партнери во носењето одлуки. Не ни требаат уште декларативни пораки, туку институции што ќе имаат храброст навистина да ги слушнат младите и да споделат моќ со нив“, изјави Драгана Каровска Чемерска од ХЕРА.

Албина Сефадини од НМСМ предупреди дека податоците покажуваат опаѓачки тренд во имплементацијата на младинските политики и намалување на младинските механизми и сервиси, оценувајќи дека е потребна многу поголема институционална посветеност.

Од институциите беше порачано дека младите треба да се гледаат како дел од решението, а не како проблем. Државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, истакна дека обврска на институциите е да создадат услови младите да сакаат да останат во сопствената земја.

На форумот говореа и претставници на локалната самоуправа, кои посочија дека општините имаат важна улога во отворањето простор за младинско учество, преку младински центри, локални политики и директна поддршка.

Организаторите оценија дека форумот покажал оти младите имаат јасни ставови, конкретни идеи и подготвеност активно да учествуваат во општествените процеси, но дека тоа мора да биде проследено со реални институционални механизми и политики создадени заедно со младите, а не само во нивно име.

е-Трн да боцка во твојот инбокс