Една третина од младите веруваат дека имаат необични способности

Во време на глобална несигурност, анкета покажува дека генерацијата Z сè повеќе ја поврзува интуицијата со „психички“ способности, иако тие не се сигурни дали можат да направат разлика меѓу инстинктот и анксиозноста.

Една третина од младите Американци од генерацијата Z веруваат дека имаат „надреални“ способности, покажува анкета на Talker Research. Истражувањето, кое ги споредува интуитивните искуства кај различни генерации, открива дека младите родени меѓу 1997 и 2012 година почесто од повозрасните тврдат дека имаат силно чувство кога нешто „не е во ред“, кога некој не е искрен или кога треба да се повлечат од одредена ситуација. Дополнително, чувството на страв и неизвесност ги држи младите под постојан притисок и штрек.

Најголем дел од испитаниците, 33 проценти, рекле дека можат да почувствуваат кога нешто „не е во ред“. Други 28 проценти навеле дека имаат способност да препознаат неискреност, а 26 проценти рекле дека имаат внатрешно чувство кога треба да се оддалечат од некоја личност, разговор или ситуација. Ова не подразбира надреални моќи како комуникација со мртвите или јасновидство, туку силна интуиција за тоа како ќе се развие некоја ситуација.

Иако ваквите верувања најмногу се поврзуваат со младите и со културата на социјалните мрежи, анкетата покажува дека интуитивните искуства не се ограничени само на генерацијата Z. И беби-бумерите и младите пријавиле „шесто сетило“ кога станува збор за финансии, додека миленијалците најчесто го поврзувале со љубовните односи. Генерацијата X, според резултатите, најчесто точно ги предвидувала исходите.

Интересот за тарот, кристали, астрологија и манифестација расте паралелно со популарноста на социјалните мрежи, каде овие теми често се претставуваат како начин за саморефлексија, забава или обид за враќање на чувството на контрола. Истражување на Pew Research Center од 2025 година покажало дека 30 проценти од Американците барем еднаш годишно се консултирале со астрологија, тарот карти или гатачи, најчесто од забава.

Овој тренд се поврзува и со пошироката несигурност во која растат младите генерации. Социоекономската нестабилност, геополитичките кризи, климатската анксиозност и недостигот од поддршка за ментално здравје придонесуваат дел од младите да бараат сигурност, насока и чувство на контрола преку алтернативни верувања.

Но, и покрај интересот за „надреалното“, младите не се целосно убедени во сопствените интуиции. Од сите испитаници, 35 проценти рекле дека не се сигурни дали можат да направат разлика меѓу инстинктот и анксиозноста. Тоа покажува дека за многумина ова не е толку прашање на вистински психички способности, колку на обид да се разберат сопствените чувства во време на постојана неизвесност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни