Во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, на сцената „Долни Сарај“ беше изведен танцовиот перформанс „Митот за Амазонките“ во продукција на грчкиот танцов театар „АРТ денс“.
Претставата е инспирирана од легендарните Амазонки, симбол на силата, независноста и еднаквоста, а преку динамичен спој на современ танц, театарски израз и оригинална музика на композиторот Јанис Псимадас ја оживува нивната приказна на сцената.

Во фокусот на претставата беа два познати антички мита – подвигот на Херкулес и одземањето на златниот појас на кралицата Хиполита, како и трагичната љубовна приказна за Ахил и амазонската кралица Пентесилеја, која завршува со нејзината смрт и задоцнетото вљубување на херојот во нејзината убавина.
Изведувачите Аигли Сарлани, Никос Кормпакис, Афродити Вервениоти, Мелина Бала, Кристина Карагиованиди, Мариеви Лефкиммијати и Катерина Петрополу преку силна колективна игра и впечатлива кореографија создадоа сценско доживување исполнето со емоции и енергија, кое беше наградено со аплауз од публиката.
Авторка на кореографијата и сценариото е Артемис Игнатиу, која е и режисерка, кореографка и уметничка директорка на церемонијата за палење и предавање на Олимпискиот оган. Таа е основач на танцовиот театар „АРТ денс“, кој премиерно ја постави претставата во 2013 година во музејот „Бубулина“ во Спетсес.

Оттогаш, „Митот за Амазонките“ е изведуван на повеќе меѓународни фестивали. Во 2014 година беше избран од грчкото Министерство за култура да ја претставува Грција на Интернационалниот фестивал во Сус, Тунис, а подоцна гостуваше и во Кина и Албанија.
Меѓу присутните на изведбата беа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е покровител на фестивалот „Охридско лето“, како и амбасадорката на Република Грција во земјава, Софија Филипиду.