Мистериозен објект во Пацификот поттикна нова потрага по авионот на Амелија Ерхарт

Амелија Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан исчезнаа во 1937 година при обид да го обиколат светот со авион

Речиси девет децении по исчезнувањето на Амелија Ерхарт, нова експедиција ќе истражува објект во лагуната на островот Никумароро во Пацификот. Истражувачите сакаат да утврдат дали станува збор за остатоци од нејзиниот авион „Локхид Електра 10Е“.

Во експедицијата учествуваат Институтот за археолошко наследство, Универзитетот „Пердју“ и неговата истражувачка фондација. Тимот треба да се собере на Тарава, во Кирибати, на 6 октомври, а следниот ден да отплови кон Никумароро.

Во фокусот е таканаречениот „објект Тараја“, забележан во 2020 година при прегледување сателитски снимки. Според истражувачите, неговите димензии и изглед би можеле да одговараат на трупот и опашката на авионот. Објектот се наоѓа во плитките води на лагуната и е во голема мера покриен со седимент. Неговата поврзаност со Ерхарт засега не е потврдена.

Истражувањето ќе започне со фотографирање и снимање на локацијата, по што ќе се користат сонар и магнетометри. Предвидено е и внимателно отстранување на седиментот за да се утврди што се крие под него.

Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан исчезнаа во 1937 година при обид да го обиколат светот со авион. Експедицијата ќе ја провери претпоставката дека нивниот авион завршил кај Никумароро.

Организаторите нагласуваат дека целта е да се утврди вистинската природа на објектот. Дури и ако не станува збор за авионот, истражувањето ќе овозможи да се отфрли уште една претпоставка во долгогодишната потрага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс