Трн со студентите на улиците од Белград

Миодраг Јовановиќ, професор на Правниот факултет Белград – Студентите ни држат час по демократија

Ги гледам студентите како на некој кој со сето ова што го прави, на сите нас ни држи час и ние со задоволство се согласуваме да бидеме тие кои го следат тој час

Миодраг Јовановиќ е српски правник, музичар и писател. Toj е редовен професор на Правниот факултет на Универзитетот во Белград, каде предава Вовед во право и Малцински права, а на мастер студиите ги предава предметите по Општа теорија на државата и правото и Теории на субјективни права, како и Вовед во политичкиот систем на Европската Унија.

Јовановиќ, освен како професор, е познат и во музичкиот свет каде го препознаваат како како вокалист на бендот „Ништа али логопеди“, експериментален панк/рок/фолк бенд од Шабац. Бендот своевремено бил необична појава на сцената, не само поради духовитите текстови, туку и поради миксот на гитари, ритмови, но и хармоника. На дебитантската касета “Ad hoc Klića” од 1994. година снимиле разнолики песни како “Pigs From Space”, “Jarmush Jim Rap”, во кои се занимавале со свадби, свинско месо, цитати од школската лектира и стихови на англиски за почетници. Во 1996 година ја снимиле и втората плоча “Vaspostavljanje”, на кој се наоѓа и нивниот најголем хит “We are the Serbs”. Во оваа песна со црн хумор, бендот се занимава на саркастичен начин со едностраната претстава на Србите во западните медиуми, во која еден народ е прикажан како народ на убици, силувачи и негативци.

Професор Јовановиќ деновиве е во фокусот на јавноста поради поддршката на студентските блокади и критиката на власта, особено претседателот Александар Вучиќ. Јовановиќ е еден од оние професори кои од самиот почеток им даде поддршка на своите суденти и ги охрабри во нивните барања и во истрајноста и борбата да го променат системот на вредност во државата во која живеат.

Со професор Јовановиќ се сретнавме во Белград пред Правниот факултет, нешто после 12 часот и по завршување на 15 минутниот мирен протест на раскрсницата пред факултетот. Расположен за разговор, го прашавме прво како живее Правниот факултет деновиве?

-Поубаво од било кога до сега. Живее по некои правила и некои идеи за кои јас им предавам на моите студенти во прва година по предметот во кој се зборува за демократија и владеење на првото и за уставноста и законитоста. Сето тоа се теми за кои тие сега секојдневно зборуваат на своите пленуми. Гледаат како изгледа и демократскиот живот во пракса, а истовремено и сите идеји за кои учеа, сега ги тестираат на еден за жал трагичен настан. Студентите поминуваат низ едно искуство кое не се случува секому и кое е искуство за цел живот и не е само лично, туку е искуство кое ќе има ефект на целото општество. Она што започна од универзитетски протест се пренесе на средношколците, на синдикатите организации, на земјоделците и јас искрено се надевам дека тој бран ќе се пренесува и понатаму и дека цела Србија ќе биде на нозе  наскоро – вели професор Јовановиќ.

Според него, барањата кои се поставени од страна на студентите, се разумни и се однесуваат на правната држава, на еднаквоста пред законот и на елементарни казнивост на оние кои вршат власт. Не можат, вели тој да бидат појасни и поплеменити од оние кои студентите ги истакнуваат во прв план.

Професор Јовановиќ е горд на своите студенти и на нивната борба за првда на улиците од Белград. Вели дека се чувтвствува горд и што она за кое тој говори на часовите, денес студентите го бараат преку блокада, протест и бунт против власта.

-Ги гледам како на некој кој со сето ова што го прави, на сите нас ни држи час и ние со задоволство се согласуваме да бидеме тие кои го следат тој час – вели професор Јовановиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни