Search

Минатиот Божиќ

“Last Christmas I gave you my heart

But the very next day you gave it away  

This year, to save me from tears  

I’ll give it to someone special“

Скопјани, Скопјанки… сВе се тоВа емоционални типови. Страсна, но стабилна врска во турско; бурна афера во српско; минаХа години без да ја заборавиме кратката, но горко-слатка романтика на бугарско; врската за озбилно, бракот, градењето дом, но и разводот со комунистите; и конечно, сега, слободна, модерна љубов со повеќе партнери по сопствен избор. Во секоја врска максимално вложување, искрена љубов, тешки зборови, уште потешки емоции и на крај, се разбира, секогаш РАЗОЧАРУВАЊЕ. Такви сме ние скопјани. Љубовџии.

извор: YouTube

Во секоја нова љубовна врска, ние скопјаните се впуштаме безглаво и со цело срце. Понекогаш сме вљубени до уши, но се случува и да се “фатиме“ со некого за инает, за да му расипеме на некој друг. Како и да е, полни сме со емоции и се разбира очекувања.

Скопското вљубено срце копнее по слатки зборови, луди ветувања и се разбира “поклончиња“ (читај: подароци). Златно ланче, штосно прстенче, нешто брендирана гардероба, елка на плоштад за Нова година. Главно накит.

До пред само неколку дена, наша главна грижа (како впрочем и минатата година) беше дека градот ќе остане неукрасен за празниците. Тешка емоција и страв се ширеа по нај-скопската од сите мрежи, Фејсбук. Така адекватна платформа за обединување на целото локално душебрижништво на едно место не е видена уште од славните денови на скопското корзо. Степенот на страв и ужас достигна врв кога градските институции сепак ја накитија елката. Нашите романтични, но напатени скопски срца, имуни на загадениот воздух, укинувањето на буџетите за култура на градот, уништувањето на културните институции, доцнењето на автобусите, нереализацијата на есенцијалните проекти за пречистување на водоводот, еколошки градски превоз итн… едноставно препукнаа од болка. Па каква е оваа елка побогу???

Една Фејсбук пријателка забележа: “Од елката не се гледа шумата“. Друга веднаш ѝ одбруси кратко, јасно и по скопски: “Нека си зборат за себе тие што не ја гледаат шумата“. Јас веднаш се согласив: “Да, нека си зборат дека не ја гледаат шумата тие што не ја гледаат шумата“. Еден наш популарен диск џокеј, кој редовно го изразува своето незадоволство на Фејсбук, на темава изјави: “Нема да ми смета ако после вакво новогодишно украсување, плоштадот го преименуваме во Миле Китич“. Колку што ја знам, нашиот “китен“ плоштад одамна го носи името на тој голем духовен ороводец на скопјани. Да живее Фејсбук! Да живее Скопје!

извор: YouTube

(пред) Минатиот Божик и го дадовме срцето на градоначалничката, но веќе следниот таа го подари на друг. Овој Божик, арогантно се исмејуваме со градската власт, а веќе следниот ќе бидеме комплетно разочарани. Разочарани од се, само не од себе. Ние сме полусвет. Оттаму и полу-елка, полу-зграда, полу-украс, полу Нова Година и секако полу-живот. Сосем адекватна елка за овој тип граѓанство или народ. Кога ја гледаме елката, гледаме во себе и целото незадоволство ни е од себе, не од елката. Некој потегна иницијатива сами да ја накитиме елката. Домаќинска иницијатива нема што, без разлика што веќе сме платиле за новогодишно украсување (домаќински) 30.000 евра.

Европа? Европска престолнина на културата? Не брзаме. Нема потреба. Скоро сите имаме државна плата, редовни празници и никакви одговорности, освен да го практикуваме нашето право на мислење на новото скопско корзо – Фејсбук. Тука се и топлите мемории за старите добри времиња, кога се уште имаше другарство и се љубеше страсно во рамките на 1001 ноќ.

“Happy Christmas, I wrapped it up and sent it
With a note saying “I love you”, I meant it
Now I know what a fool I’ve been
But if you kissed me now, I know you’d fool me again“

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни