Производителот на Milka, компанијата Mondelez International, се соочува со критики и судска постапка поради намалување на тежината на чоколадите без јасна промена на пакувањето. Случајот повторно ја отвори дебатата за таканаречената „shrinkflation“ – помал производ за иста или повисока цена.
Германски суд пресуди дека компанијата Mondelez International ги довела потрошувачите во заблуда со тоа што ја намалила тежината на дел од чоколадите Milka од 100 на 90 грама, додека пакувањето останало речиси непроменето. Судот во Бремен оцени дека просечните купувачи тешко можеле да ја забележат разликата, особено затоа што дизајнот и изгледот на производот останале речиси идентични.
Случајот бил покренат од германска организација за заштита на потрошувачите, која обвинила дека станува збор за класичен пример на „shrinkflation“ – практика во која производите стануваат помали, додека цените остануваат исти или растат. Според организацијата, потрошувачите често ја препознаваат амбалажата и брендот, но не ја забележуваат намалената количина.
Покрај намалената тежина, дел од медиумите во Германија објавија дека цената на некои Milka чоколади пораснала од 1,49 на 1,99 евра, што значително ја зголемило цената по килограм. Потрошувачките организации тврдат дека токму комбинацијата од помал производ и повисока цена предизвикала силен револт кај купувачите.
Компанијата Mondelez International ги отфрла обвинувањата и наведува дека тежината била јасно означена на пакувањето. Од таму тврдат дека намалувањето било последица на растечките трошоци за какао, енергија, транспорт и производство, како и нестабилноста на глобалниот пазар.
Случајот со Milka предизвика огромни реакции и на социјалните мрежи, каде потрошувачи ја обвинуваат компанијата за „скриено поскапување“. На Reddit, корисници од повеќе европски земји пишуваат дека се чувствуваат измамени затоа што производите изгледаат исто, но содржат помалку чоколадо.
Ова не е изолиран пример. Во Европа последниве години сè повеќе брендови се обвинувани за shrinkflation, особено во прехранбената индустрија, каде производителите се обидуваат да ги намалат трошоците без директно да ја зголемат цената на производот. Експертите предупредуваат дека ваквите практики дополнително ја намалуваат довербата на потрошувачите во брендовите.
Одлуката на германскиот суд сè уште не е конечна, а Mondelez International има право на жалба. Сепак, случајот веќе се смета за важен преседан во борбата против прикриените поскапувања во Европа.