Милиони бегалци се враќаат дома, но ги чекаат сиромаштија, несигурност и урнати градови

УНХЦР предупредува дека милиони раселени лица се враќаат во Авганистан, Сирија и други земји, но во услови на уништена инфраструктура, сиромаштија и нестабилност.
Epaimages

По повеќе од една деценија континуиран раст на глобалното раселување, бројот на луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови поради војни и прогони во 2025 година бележи намалување. Сепак, Обединетите нации предупредуваат дека враќањето дома не значи и крај на страдањата за милиони луѓе.

Според најновиот извештај на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), минатата година околу 14,7 милиони бегалци и внатрешно раселени лица се вратиле во своите земји, што претставува раст од 50 проценти во однос на претходната година и втор најголем забележан број на враќања од 1965 година наваму.

Најголемиот дел од повратниците се враќале во Авганистан, Сирија, Украина, Судан, Мјанмар и Демократска Република Конго. Но, зад овие бројки се крие поинаква реалност. УНХЦР предупредува дека голем дел од луѓето се враќаат во средини каде што сè уште владеат несигурност, економска криза, недостиг на работни места и сериозно оштетена инфраструктура.

Особено драматична е ситуацијата во Авганистан, каде што во текот на 2025 година се вратиле околу 2,9 милиони луѓе, од кои 1,9 милиони биле бегалци. Според УНХЦР, многумина немале вистински избор поради построгите политики на соседните Иран и Пакистан. Сирија, пак, бележи враќање на околу 1,3 милиони луѓе по политичките промени што следуваа по падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година. Сепак, голем дел од повратниците таму се соочуваат со уништени домови, ограничен пристап до основни услуги и повремени безбедносни инциденти.

Во извештајот се наведува и дека кризите на Блискиот Исток продолжуваат да создаваат нови бранови на раселување. Само во Иран, по американско-израелските напади од почетокот на годината, привремено биле раселени околу 3,2 милиони луѓе. Во Либан, пак, повеќе од еден милион жители биле принудени да ги напуштат своите домови поради воените дејства.

И покрај позитивниот тренд на враќање, УНХЦР предупредува дека долготрајното раселување останува сериозен глобален проблем. Според податоците, околу 70 проценти од бегалците во светот живеат во егзил пет или повеќе години.

Од агенцијата нагласуваат дека целта до 2035 година е да се преполови бројот на луѓе кои живеат во долготрајно раселување преку подобар пристап до образование, вработување и економска интеграција.

„Не можеме да прифатиме иднина во која милиони бегалци остануваат заробени со години или децении без реална можност повторно да ги изградат своите животи“, порачаа од УНХЦР.

е-Трн да боцка во твојот инбокс