Search

Милена Сиљаноска: Сочувството е една од најголемите предности на писателите

Во интервју со поетесата и писателката Милена Сиљаноска која деновиве го објави нејзиниот прв роман, „Ронлива“, ја истражуваме нејзината уметничка визија, врската помеѓу поезијата и прозата, како и улогата на личното искуство во творењето. Со откривање на нејзината креативна филозофија, разговарање за поетската душа и предизвиците на уредничката улога, Милена споделува поенти кои го обележуваат нејзиното литературно патување. Милена поради својата длабочина и емотивна зрелост е една од најмладите уреднички кај нас и една од најуспешните. А ова е сигурен показател дека годините не мора да се репер и за квалитет и успех. Во ова интервју, таа ги открива тајните на пишувањето, размислувањата за литературната критика и предизвиците што ги носи творечката искуственост. Откријте ги нејзините размислувања за писателската душа, литературната критика и предизвиците на уредничката улога во ова интервју, кое несомнено ќе го воведе читателот во светот на Милена Сиљаноска.

Трн: Дали сметаш дека треба да имаш некој вид емотивен багаж за да можеш подлабоко да навлезеш во психолошките профили што ги обработуваш во твојот прв роман „Ронлива“?

Милена: Повеќе би го нарекла тежина на постоењето. Сите ја носиме на овој или оној начин. Секој носи онолку товар колку што му било предвидено дека може да поднесе. А поетските души се нежни. Нив ги боли и скршена гранка. Болката и страдањето се неизбежни при создавањето. Не мора да станува збор за сопствено минато или за лична болка. Сочувството е една од најголемите предности на писателите. Тие сочувствуваат со своите ликови, со студенилото од смрзнатата роса, со листот што го газат минувачите. Не ги создадов ликовите, туку ги барав. Без разум, логика и без пресметки, ги ковав од скршените делови од себеси. Затоа немам моќ врз нив и не можам да им давам карактеристики. Тие станаа дел од мене и тие ме „доработија“ повеќе отколку јас нив.

Трн: Кои делови од романот би можела да ги наречеш автобиографски? Каде те има најмногу тебе и во кој лик?

Милена: Еднакво во сите. Мила, Лени и Миро. Па дури и есента би ја нарекла лик. Или, пак, мачорот или ветрот. Во сите нив се преобразував. И романот е сведок за сите мои метаморфози. Не сум поборник на мислата дека авторот може целосно да се одвои од своето писмо, а не мислам ни дека треба. Творба се создава од душа, а чија душа најдобро и најдлабоко ја познаваме ако не својата? Мора да си откинеме парчиња од неа, или да ги најдеме оние што сме ги загубиле и да ги престориме во зборови. Тоа не значи дека ликовите и приказните не можат да бидат измислени, но само треба да им вдахнеме дух како да се создадени од ребро.

Трн: Дали работата како уредник во издавачка куќа ти помогна во твојот начин на пишување, ти даде насоки и те оформи, те „исклеса“ на некој начин?

Милена: Секако! Писателот мора да чита. Мора во себе да ги има впиено зборовите и да стане збор за да може да се испили. Па така, сето искуство што го стекнав во ТРИ читајќи придонесе да си го наслушнам својот глас. ТРИ ми даде длето и ми кажа како да го користам. Но исто така, многу осознавам и преку животните лекции на кои ме учи секојдневната работа. Се обидувам сите наталожени поуки од работата да ги транскрибирам во букви.

Трн: Кој ти е омилен правец во литературата?

Милена: Не знам дали можам да одвојам. Ми се чини дека во различна доба и со различни фази од животот имам различни мисли и чувства кон различни автори и правци. И како човек што не сака да прави генерализации, можеби повеќе би ги одвоила како поети и писатели, или како книги, реченици, отколку како романтичари, реалисти или егзистенцијалисти. Добрата страна на правците е што во себе ја носат колективната болка на своето време. Во моментов сум најсклона кон романтизмот и песните што ни ги оставија во завештание Едгар Алан По, Лорд Бајрон, Мери Шели, Џон Китс. Од друга страна, додека пишував го препрочитував целиот опус на Достоевски и уште еднаш ме восхити. Секој правец си носи свои великани, свои бележници на времето.

Трн: Се вели дека оној што пишува поезија може да пишува и проза, а обратното е потешко. На што мислиш дека се должи ова?

Милена: Шарл Бодлер рекол „Биди поет и додека пишуваш проза“. И токму тоа правило го следев целиот ронлив пат. Можеби таа реч произлегла токму од способноста што ја споменав за поетите кои умеат да чувствуваат сè. Тоа е потребно и во романите, па дури и со есеите и во критичките осврти. За да може да почувствува читателот, писателот мора да му го остави како аманет чувството. На мислата на Бодлер ќе додадам и дека треба да бидеме поети секојдневно. 

Трн: Секој чита од своја перспектива и од висината на духот на кој се издигнал. Која е твојата перспектива на читање?

Милена: Духот никогаш не е спастрен. Тој е како водата. Некогаш е капка од езеро, некогаш од дожд. Некогаш од магла. Но во која форма и да е, никогаш не мирува. Неговата судбина е да бара значење дури и кога знае дека не може да го осознае докрај. Суштината е бездна. Со секој ден и со секое четиво сме чекор подлабоко. Не знам до каде сум стасала сите овие години додека безрезервно сум се нурнувала во читањето. До одредена длабочина сум, но имам уште многу за читање и чувствување. И не само во овој живот во сегашното тело, духот ќе продолжи да бара значење и во некое идно постоење, во друга стварност, во друго битисување.

Трн: Дали веднаш во тебе се буди острото уредничко критичко око или, пак, читаш од позиција на страстен читател?

Милена: Прво како читател, а потоа како уредник. Значајно е прво да се разбере писмото, пред да се суди. Некогаш е потребно и да одлежи. Затоа уредништвото е многу внимателна работа. Верувам дека оние автори кои творат од душа не користат празни зборови. Секоја реченица има некаква поента, дури и кога е несвесно напишана. Но сепак, некогаш не е дел од таа приказна. Во литературата има еден термин „kill your darlings“, што подразбира да се дејствува од име на квалитетот. Дури и да се избришат и најдрагите ликови, ако тоа е за доброто на пишаното. Така и јас при првото читање на „Ронлива“ бев читател, а потоа бев уредник. Па така, „Ронлива“ остана без еден од ликовите на кој му бев наклонета. Едноставно избегал од некоја друга приказна. Душата ќе каже од која и зошто.

Најново

Последни колумни