Трагедија кај брегот на Јемен: 109 мигранти загинаа, меѓу нив 15 деца, над 116 исчезнати

Најмалку 109 мигранти загинаа, меѓу нив 15 деца, а повеќе од 116 се водат како исчезнати откако брод со околу 350 луѓе потона во водите меѓу Џибути и Јемен.

Несреќата се случила во близина на Гухере, северно од Обок во Џибути, во ноќта меѓу 8 и 9 октомври, соопшти Меѓународната организација за миграција — IOM. Повеќе од 80 лица преживеале, а потрагата по исчезнатите продолжува.

Станува збор за една од најопасните миграциски рути меѓу Африканскиот Рог и Арапскиот Полуостров. Илјадници луѓе од Етиопија и околните земји преку Џибути и Сомалија патуваат кон Јемен, најчесто со намера потоа да стигнат до Саудиска Арабија и земјите од Персискиот Залив.

Само во август годинава, според IOM, во Јемен биле регистрирани повеќе од 11.000 новопристигнати мигранти, а најголем дел од нив дошле преку Џибути.

Рутата е исклучително ризична поради преоптоварени и несоодветни пловила, ограничени спасувачки капацитети и нестабилноста во регионот.

Дополнителен парадокс е што мигрантите влегуваат во земја која самата се наоѓа во тешка хуманитарна и безбедносна криза. Во Јемен повторно се засилија борбите, а стотици илјади луѓе се внатрешно раселени.

Најновата трагедија уште еднаш ја покажува цената на оваа рута: луѓе што бегаат од сиромаштија и нестабилност се соочуваат со смртоносен ризик уште пред да стигнат до јеменскиот брег.

е-Трн да боцка во твојот инбокс