Search

Ми дадоа лош совет: Најважно е да имаш сигурна работа

Јас сум од генерација на млади луѓе кои бевме учени од родителите, дека најважното од се е да имаш стабилна и безбедна работа. Нас не учеа дека е подобро нешто од ништо, макар и ако тоа „нешто“ е смешно платено и има директор/ка кои ги лечат своите фрустрации на тебе. Така растевме со култура на воспитување „Молчи си, може да биде и полошо“ и „Барем редовно стига плата“!

Така со години завршувавме на работни места каде платата никогаш не мрднуваше нагоре и секогаш имаше „недостаток“ на работна сила па моравме да работиме како за тројца или петорица луѓе. Тој страв од родителите дека не смееш да дозволиш да ја изгубиш работата дури и по цена да си несреќен, слабо платен и неценет, верувам дека многу од нас не чинеше скапо и резултирал со куп фрлени години во воздух.

Да започнам од почеток. Да, точно е дека е многу полошо да седиш дома и да џаболебариш, ама уште полошо е да си го продаваш знаењето, искуството и талентот ефтино. Започнав да работам многу млада. Собирав искуство, пракса и знаење во форма на волонтерство многу пред официјално да можам да кажам дека сум вработена за плата. И сега кога ќе ме праша некој од помладите ќе потврдам дека волонтирањето е добро и може да ти помогне во почетоците на твојата кариера. Но секогаш треба да се внимава на таа тенка граница, што е волонтирање, а што експлоатирање на работна сила.

Economy.co

Секако дека како почетник на работното место платата ќе биде значително помала и тоа исто е во ред. Но не е во ред кога година, две или три ти сеуште ќе добиваш одговор дека нема услови и буџет за покачување. И ако си дел од воспитувањето и советите кои јас ги добивав, за жал, мирно ќе седиш и ќе чекаш.

Среќа ја добив најдобрата лекција во животот дека некогаш ризикот се исплати и ако не те ценат, време е да свртиш грб и да си заминеш. Работа секогаш има за тој што сака да работи! Уште се сеќавам како вчера да беше кога ми се појави можност да одам за Америка, но работата морав да ја оставам зад себе. Од дома нормално дека се крена паника за тоа како јас ќе давам отказ од работно место кое ми е безбедно и сигурно! Што ако работите не успеат? Што кога ќе се вратам назад во Македонија?

Еве се вратив и единственото нешто за кое жалам е зошто порано не го направив тоа. Зошто порано не дадов отказ на работа и не ги бркав своите соништа посилно и посамоуверено? Пак ќе кажам, стравот во мене насаден од дете, дека ако останеш без работа ќе ти се сруши цела иднина. Тој ме копаше длабоко и држеше во едно место со години.

Знаев дека полека но сигурно ќе дојде ден кога работодавците, газдите и слично, ќе започнат да се жалат на тоа дека нема кој да работи. Нема, затоа што тие што имавме прилика да работиме за вас сфативме дека не не цените. Секоја чест на исклучоците и нормално дека не се сите исти, но таму сме каде што сме затоа што на многу од вас ви беше во ред да не експлоатирате. На многу им беше во ред некој вработен со врски да зема многу поголема плата од што навистина заслужува, а другиот што „гине“ од работа да се убедува со години дека кај и да е ќе има покачување.

Bigstock

Никогаш немав амбиции да се вработам државно и да бидам закачена на таа „државна града“, што за жал толку многу ја сакаат и се тегне толку силно што удира по грб на нас „обичните“ граѓани. Како тргнаа работите мислев цела држава ќе ја закачиме на таа „града“. Но тоа е веќе некој друг муабет за друга колкумна.

Да се вратам на моето. Собирав знаење, собирав искуство и научив дека е време да кажам НЕ на работењето „без пари“. Волонтирањето не може да трае вечно, а во мојата тогашна професија (телевизија, радио) само додека си млад и „зелен“ ќе помине муабетот, нема пари ама ќе се прославиш, луѓето ќе те знаат. Сега кога ќе ми се понуди таков проект се смеам од срце на тој муабет. Кој сака да работи за слава? Сметки се плаќаат ли со слава? Вие младите, немој да се лажете со тоа. Ценете си го трудот и ценете се себеси. Не дозволувајте друг да се богати на ваш грб. Не бркајте слава, бркајте успех, знаење, искуство и нешто што ќе ви помогне да ја изградите вашата иднина.

Години подоцна со кариерата за која сонував да ја имам, можам само да кажам едно големо благодарам на Универзумот и на самата себе што се изборив за она кое верував дека можам да го создадам. Благодарна сум што верував во своите способности и талент и не дозволив стравот и понатаму да ме контролира и да ми ги убива можностите. Но најмногу од се сум благодарна што повеќе не морам да трпам ниту еден од класичните „македонски“ газди, директори и слично. Таквата работна средина е толку токсична што може да те чини цело здравје.

Затоа сега кога некој ќе збори за Ген З генерацијата, само ќе речам браво дечки! Не треба да молчите кога ви се скратуваат денови за одмор. Не треба да молчите кога ви се дава работа за која не сте платени да ја работите. Не сте вие должни „неплатено“ да останувате плус часови на работа затоа што газдата не му се даваат пари да вработи уште луѓе. И браво што не се плашите да ризикувате и да буткате граници. Ако таму каде што си не те ценат, најди го местото каде што ќе знаат која е твојата вредност.

Не е најважно да имаш работа и да има плата! Важно е да знаеш за што работиш и истата таа работа да ти ги даде условите за нормален живот. Важно е да бидеш таму каде што твојот труд и напор ќе бидат причина да напредуваш и просперираш, а не да те боли рамо од тапкање. Важно е затоа што од тоа ти зависи среќата, а богами и здравјето.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни